/ Прочитано:

3.422

Видео за правото на чист воздух

Според извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), во Македонија се дише најотровен воздух во Европа. Од загадениот воздух најмногу страдаат децата. По тој повод Екоактивисти – Движење за чист воздух и Детската амбасада „Меѓаши“ изработија видео со мото: Ти имаш право на чист воздух! Ќе преземеш ли нешто?!

„Како последица на аерозагадувањето секое второ дете страда од респираторни болести. Луѓето страдаат од низа респираторни и кардиоваскуларни болести, состојби асоцирани со предвремено раѓање или генетски мутации на плодот.

Загадениот воздух е еден од најголемите фактори за смртност кај децата и тоа мора веднаш да се спречи.  Децата се најосетливата група затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото.

Секое второ болно дете се лекува од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух.  Децата се најпогодени, особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена.

Децата се почувствителни од возрасните на внатрешно и надворешно загадување на воздухот, бидејќи нивните бели дробови, мозокот и имунолошкиот систем сè уште се развиваат, а нивниот респираторен тракт е попорозен. Децата во раниот детски развој се немоќни да сменат што било. Република Македонија како потписничка на Конвенцијата за правата на детето е должна на децата да им овозможи да живеат и да се развиваат.

Бараме итно преземање соодветни мерки од надлежните институции“, се вели во соопштението на Екоактивисти – Движење за чист воздух и Детската амбасада „Меѓаши“.