/ Прочитано:

1.830

Владата даде препорака за воведување евтина дневна тарифа за струјата

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои информацијата во врска со воведување евтина дневна тарифа на електрична енергија за домаќинствата.

Како што соопшти владината прес-служба, на седницата одржана вчера, донесена е одлука да се даде препорака на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија веднаш да одржи работен состанок, со вклучување претставници на ЕВН Македонија АД Скопје, Министерството за економија и Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори. Таа во рок од седум дена треба да подготви анализа за повторно воведување на дневната евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата и измена на тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи.

„Владата на РМ е убедена дека со оваа одлука ќе се направи голем исчекор кон подобрување на економската состојба на граѓаните на Република Македонија, а истовремено ќе се поттикне домаќинско работење во јавните претпријатија“, стои во соопштението.