/Прочитано:

256

Влијанието на стресот врз способноста и однесувањето на возачите

Живееме во еден брз и динамичен свет во кој најтешко се справуваме со времето и со континуираниот притисок да бидеме добри во она што го правиме, приватно и професионално. Динамичниот начин на живот најчесто предизвикува дополнителна напнатост и неровоза, односно состојба на стрес. Ваквата состојба значително влијае на нашето однесување во сите свери на општественото живеење, вклучително и во сообраќајот.

Што е стресот и како влијае врз способноста за управување моторно возило? Како возачите да се справат со стресот и безбедно да учествуваат во сообраќајот? РСБСП подготви одговори на овие прашања што ќе му послужат на секој возач – учесник во сообраќајот.

Стресот може да се дефинира како неспецифична реакција на организмот под висок притисок, напрегање и напор во одредени психо-социјални околности, во потесна или поширока социјална средина.

Во ситуации што предизвикуваат стрес или фрустрација, секој поединец се однесува различно. Тоа однесување може да биде прилагодено или неприлагодено. Имајќи ги предвид последиците од сообраќајните незгоди, секој учесник во сообраќајот мора да биде максимално фокусиран и одговорен, без разлика на професијата, без разлика на приватните обврски, без разлика на тоа кој е, што работи, со какви лични и професионални проблеми се соочува. Зад воланот, додека управува со возилото, единствена задача на возачот е да се фокусира на возењето.

Факторите што предизвикуваат стрес може да бидат од биолошка, психолошка и од социјална природа и согласно тоа стресот влијае на:

  • телесната (физичка) функција на организмот (глад, повреда, болест, недостаток или вишок сила и енергија),
  • психичката функција на организмот (несигурност, страв, болка, депресија, нервоза…)
  • социјалната функција на поединецот (повлеченост, емотивност, агресивност и конфликтност).

Според досегашните искуства, кога една личност е под стрес, најчесто се нарушуваат сите функции истовремено. Многу нешта можат да се менуваат, да се поправаат и да се коригираат, но ирационалното реагирање на стресот, не ги решава основните проблеми, туку само создава нови со трајни последици и ненадоместливи штети.

Врската меѓу стресот и однесувањето на учесниците во сообраќајот е нераскинлива, а се манифестира на неколку начини, преку опасно и ризично возење:

  • Агресивно возење – нервозно и насилно однесување во сообраќајот;
  • Рассеано возење – дефокусираност и отсуство на возачот при перцепција на состојбите и ризиците во сообраќајот;
  • Емотивно возење – ризично однесување на возачот во сообраќајот што во основа значи дека возачот ги доживува случувањата во сообраќајот на посебен, личен и неадекватен начин и го наведува кон донесување погрешни одлуки и дејствија во сообраќајот;
  • „пијано возење“ – т.е. возачот е психофизички неспособен и неподготвен да управува со возилото.

Стресот со кој секојдневно се соочуваат учесниците во сообраќајот влијае на културата, на етиката и на меѓусебната толеранција и почитување меѓу учесниците во сообраќајот. Стресот влијае на пристапот кон одредени случувања во сообраќајот, влијае на индивидуалните одлуки што ги носат учесниците во сообраќајот и влијае на дејствијата што ги прават или не ги прават учесниците во сообраќајот. Ваквата состојба, неминовно укажува колку голема улога игра и колкаво значење има сообраќајната психологија во процесот на едукација, оспособување, контрола и проверка на возачите.

Начиниот за справување со стресот и стресните ситуации воопшпто не е лесен. Најефикасен начин за справување со стресни ситуации е адаптирање кон условите и настанатите ситуации, поголема самодоверба и самоконтрола, концентрација, позитивна мисла и релаксација.

РСБСП укажува на потребата од целосна фокусираност во сообраќајот затоа што сообраќајот е сложен и динамичен систем, а сообраќајните незгоди се извор на опасност по животот и здравјето на учесниците во сообраќајот.