/ Прочитано:

1.877

Во градовите со пречистителни станици граѓаните ќе плаќаат повисоки сметки за вода

Регулаторната комисија за енергетика информираше дека сите даватели на водни услуги на подрачја поголеми од 10 000 еквивалент жители, како и оние што обезбедуваат сурова вода за водоснабдителни системи се должни во согласност со Законот за утврдување на цени на водните услуги да започнат со примена на тарифи за водни услуги најдоцна до 1 јануари 2018 година. Во новата сметка што ќе ја плаќаат граѓаните, покрај постојните две компоненти (трошок за водоснабдување и трошок за одведување на отпадната вода -канализација), ќе има уште една ставка, односно трошок за пречистување на отпадната вода. Вакви сметки со три наместо со две ставки ќе добиваат само жителите на градовите кои имаат пречистителни станици.

Од почетокот на јануари 2018 година, сите јавни комунални претпријатија ќе треба да започнат да применуваат тарифи за вода, односно да формираат цени кои ќе бидат одобрени од Регулаторната комисија за енергетика на Македонија. Анализите покажуваат дека дел од јавните комунални претпријатија со сегашните сметки не успеваат во целост да ги покријат трошоците што ги имаат со давањето на услугите за вода, што наметнува потреба од ревидирање на нивните цени. Во известувањето на Регулаторната комисија од 21 август 2017 година стои дека сите даватели на водни услуги на подрачја поголеми од 10 000 еквивалент жители, како и оние што обезбедуваат сурова вода за водоснабдителни системи се должни во согласност со Законот за утврдување на цени на водните услуги да започнат со примена на тарифи за водни услуги најдоцна до 1 јануари 2018 година. Во новата сметка што ќе ја плаќаат граѓаните, покрај постојните две компоненти (трошок за водоснабдување и трошок за одведување на отпадната вода -канализација), ќе има уште една ставка, односно трошок за пречистување на отпадната вода. Вакви сметки со три наместо со две ставки ќе добиваат само жителите на градовите кои имаат пречистителни станици.

„Ваквата состојба на извесен начин ги става во поповолна состојба граѓаните во оние градови што немаат пречистителни станици затоа што тие ќе плаќаат пониска цена од граѓаните кои живеат во градовите што имаат пречистителни станици. Во извесна смисла, овие општини истовремено ги загадуваат водите, а нивните граѓани имаат пониски сметки“, вели Јадранка Иванова, раководителка на сектор за ЕУ/ИПА координатор при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според неа, оваа состојба ќе се надмине со измените во Законот за водите, каде што во општините кои немаат станици за пречистување на отпадните води, јавните комунални претпријатија ќе бидат обврзани да плаќаат надоместок за загадување. Овој надоместок постои и во сегашниот Закон за водите, но Министерството за животна средина и просторно планирање планира него да го промени, со цел постигнување еднаквост помеѓу општините што имаат и оние што немаат пречистителни станици.

Регулаторната комисија за енергетика, како нов авторитет во утврдувањето на цените за водните услуги, ќе биде обврзана да ги провери и одобри сите трошоци што јавните комунални претпријатија ги предложиле за да влезат во цената на водната услуга. Регулаторната комисија за енергетика одобрува рамка, односно опсег во кој треба да се движи цената. На пример, Регулаторната комисија може да одобри рамка од 10 до 15 денари по кубен метар како цена на водата. Во таа рамка, конечната цена ја утврдува Советот на секоја општина по предлог на градоначалникот. За да биде цената реална, минималната вредност треба да ги покрие сите оправдани трошоци и да обезбеди подобрување на водните услуги што ги даваат ЈКП за граѓаните. Максималната вредност за која се грижи Регулаторната комисија не треба да го надмине прагот на достапност на цената за населението во подрачјето во кое се дава водната услуга. Во членот 3 од Правилникот за начинот и постапката за утврдување на тарифа за водна услуга и на регулаторна тарифа за водна услуга стои дека вкупната цена на водните услуги на домаќинството треба да биде достапна, имајќи ги предвид просечните приходи по домаќинство во подрачјето во кое се обезбедува водната услуга. Во моментов во Македонија во функција се 8 пречистителни станици. При крај е изградбата на три пречистителни станици за третман на урбани отпадни води – во Кичево, Радовиш и Струмица. Следна ќе биде станицата во Прилеп, која ќе биде пуштена во употреба следната година.

Според Законот за водите, сите населени места што имаат повеќе од 2000 жители ќе треба да обезбедат соодветно пречистување на своите урбани отпадни води. Во Република Македонија најголема ќе биде пречистителната станица за градот Скопје, за која според физибилити студијата ќе бидат потребни 120 милиони евра.

Според екологистите, со зголемувањето на цената на водата, ќе се стимулираат индивидуалните домаќинства и бизнис секторот да прават сопствени пречистителни станици, со што ќе остваруваат заштеди и ќе ја реупотребуваат водата за техничка потреба.

„Сегашниот број пречистителни станици не е доволен. Дури и тие што се изградени не функционираат поради големите трошоци за одржување или несоодветно проектирање и технологија“, велат во НВО „Гоу грин“.

Посочуваат дека индустријата претставува еден од најголемите извори на загадување на водите, имајќи предвид дека повеќе од 50% од отпадните води ги формираат индустриските стопански гранки кои многу често, без претходно пречистување, се испуштаат во површинските води преку директни или индиректни патишта. Најголем инфлукс на комунални води трпи Вардар во Скопскиот регион како најнаселен регион и придонесува за зголемена загаденост на реката.

Според „Гоу грин“, големите индустриски капацитети, според стандардите на еколошката дозвола, е потребно да имаат пречистителни станици, но „Југохром“, РЕК-Битола и ТЕЦ „Осломеј“ ги немаат исполнето тие услови и претставуваат голем еколошки проблем за околните реки и здравјето на населението. Отпадните води содржат азот, фосфор, сулфур водород, масти и масла, бактерии, вируси итн. Преголемите концентрации на фосфор во површинските води водат кон интензивно развивање на алгите и еутрофикација на водата. Поради ова растителниот и животинскиот свет немаат услови за живот.

Процесот на вршење инспекциски надзор кај отпадните води од индустриски капацитети се врши на централно ниво преку државните инспектори за животна средина, а на локално ниво преку овластените инспектори за животна средина кои се под ингеренција на општините. Глобите, односно прекршоците се регулирани со Законот за животна средина и со уште неколку материјални закони. Постојат три категории прекршоци. Првите две предвидуваат случаи кога инспекторот поднесува платен налог, но тој не се наплатува. Тогаш се покренува постапка пред Комисија за прекршоци при Министерството за животна средина. Во третата категорија се највисоките глоби и тие се во износ од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност. Тие се изрекуваат во случаи кога не успева спогодувањето, и покрај утврден прекршок.

А. Б.