/ Прочитано:

913

Во октомври ќе се гласаат решенијата кои ќе произлезат од работата на Советот за реформи во правосудството

Според претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, во октомври ќе се гласаат решенијата кои ќе произлезат од работата на Советот за реформи во правосудството, а потоа ќе се реализира и нивната имплементација.

„Многу е важно брзо да се донесат усогласени и адаптирани законски решенија. Очекувам дека во октомври ќе се гласаат тие решенија, но најважна е имплементацијата. Таа зависи од секој поединец во правосудството, почнувајќи од судиите, обвинителите, стручните соработници, а транспарентноста и независноста се следниот чекор, кој го очекуваме од секој судија и обвинител за да можеме да очекуваме и независно судство и комплетна контрола од страна на граѓаните и правосудните органи во државава“, вели Заев, кој смета дека идните реформи ќе придонесат за сериозно зголемување на довербата на граѓаните во правосудството.

Премиерот рече дека довербата ќе се зголеми и доколку ниту еден судија не зависи од политичар, како што се случувало во минатото, и дека во втората фаза на реформите ќе има отчетност и мониторинг на сите заинтересирани во државата, каде што секоја судска  пресуда јавно ќе се објавува, а граѓаните ќе можат да даваат директни коментари на работата.