/ Прочитано:

1.414

Во подготовка измени на Законот за јавните набавки

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за јавни набавки. Основните цели на Законот се усогласување со Директивата за јавни набавки во класичниот јавен сектор 2014/24/ЕУ, со Директивата за јавни набавки во секторските опфатени дејности 2014/25/ЕУ, доусогласување со Директивата за правни лекови во постапките за јавни набавки 2007/66/ЕК, воведување нова форма на претходна контрола според искуствата во одредени европски земји, поедноставување на постапките, зголемување на транспарентноста и отстранување одредени слабости во досегашната примена.

„Постојниот Закон за јавните набавки беше донесен во 2007 година, а започна да се применува од 1 јануари 2008 година. Тој се базираше на директивите за јавни набавки на Европската Унија од 2004 година кои беа актуелни во тој период и беше со висок степен на усогласеност. Во меѓувреме беа донесени бројни измени и дополнувања на Законот кои, според оцената на Европската комисија, го оддалечија од европското законодавство во оваа област. Исто така, во 2014 година се донесоа нови директиви за јавни набавки во класичниот јавен сектор 2014/24/ЕУ и во секторските дејности 2014/25/ЕУ. Поаѓајќи од обврските на Република Македонија содржани во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, се јави потребата од усогласување на прописите за јавни набавки со актуелните европски директиви во оваа област. Со новиот Закон за јавните набавки ќе се отстранат и одредени слабости кои беа забележани во досегашната примена и ќе се зголеми транспарентноста“, се вели во законското образложение.

М.В