/ Прочитано:

2.064

Во подготовка измени на законска регулатива за спречување на корупција и на повеќе прописи од правосудството

Независноста на судството претставува еден од клучните сегменти за создавање систем на владеење на правото.  Со Стратегијата за реформа во правосудниот сектор со Акциски план за 2017 – 2022 се отпочнати реформите на судскиот систем кои треба да придонесат за враќање на довербата во институциите, обезбедување правна сигурност, заштита на човековите слободи и права и создавање атмосфера на слободно судство, без какви било политички притисоци, истакна министерката за правда, Рената Дескоска, на 98. Рос-Рот семинар со наслов: „Евроатлантска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект“ организиран од Парламентарното собрание на НАТО во соработка со Собранието на Република Македонија. Министерката за правда најави измени на законска регулатива за спречување на корупција и на повеќе прописи од правосудството.

„Примарна цел е возобновување на начелото на владеење на правото, на јакнење на самостојноста, независноста и непристрасноста на судството и јавното обвинителство, реформирање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, зголемување на ефикасноста на судството, односно европеизација на судството и јавното обвинителство преку воведување на европските институционални и процесно-правни, менаџерски и други стандарди во функционирањето на судството, на јавното обвинителство и на адвокатурата, подготовка на судиите и јавните обвинители за нивно функционирање во единствениот европски простор на правда, доследна примена на Европската конвенција за човековите права и другите меѓународни конвенции за човековите права и слободи, како и усогласување на материјалните и процесните закони со правото на ЕУ и хармонизација со законите на државите членки на ЕУ“, рече Дескоска.

Во врска со претстојните реформи во нејзиниот сектор, а имајќи ги предвид забелешките на ЕУ, Дескоска истакна дека веќе се направени дел од измените на законите, но исто така посочи и дека ни претстои нов турнус на измени кои треба да опфатат дел закони за судство – Законот за судови, кој се носи со двотретинско мнозинство, Законот за јавно обвинителство, Законот за Судскиот совет.

„Законските текстови кои беа донесени за Законот за судови и за Законот за Судскиот совет се веќе пратени во Венецијанската комисија, чекаме од нив мислење за она што е досега изменето и дали доследно се имплементирани препораките кои претходно беа дадени. Во процесот на реформи првична основа ќе ни бидат препораките на Венецијанската комисија, мислењата и ставовите на ЕК и секако она што значи Извештајот на Прибе“, рече Дескоска.

Се планираат, додаде министерката, и механизми за имплементација на законите. Дел ќе опфати обука на судиите во рамките на вршењето на нивните активности, продлабочување на знаењето со цел приближување до европските стандарди за вршење на судиската функција

Предвидени се и измени на Законот за јавно обвинителство, којшто исто така е двотретински закон и бара поширок консензус за донесување и кој е дел од пакетот. Друг дел што беше нотиран од ЕУ е делот за борбата со корупцијата.

„Во Министерството за правда е формирана работна група која работи на измени на законска регулатива за спречување на корупција, што ќе значи нов начин на формирање на Антикорупциската комисија и секако измени во нејзините надлежности. Сакаме да создадеме ефикасен инструмент во борбата со корупцијата“, рече Дескоска.

Дескоска потенцираше дека донесувањето закони и усвојувањето програми, стратегии и акциски планови се само едно камче од мозаикот на реформите во правосудството.

„Подигањето на свеста во општеството и почитувањето на системот на вредности се останатите сегменти од овој мозаик и претставуваат темелот на владеењето на правото. Затоа, нашите идни активности преку лични примери ќе бидат насочени кон исполнување на овие цели“, рече Дескоска.

M.В