/ Прочитано:

1.137

Во подготовка Закон за прекинување на бременоста: Пациентката одлуката да ја донесе без принуда

Министерството за здравство подготвува Предлог-закон за прекинување на бременоста. Целта на Предлог-законот е остварување на правото на жената на безбеден абортус, укинување на постојните административни процедури/бариери за спроведување на постапката за безбеден абортус и давање комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, како и намалување на глобите поврзани со прекршоците.

Исто така, цел на предложеното законско решение е одлуката за прекин на бременост да ја донесе пациентката свесно, без принуда од кого  било и да ѝ се даде поддршка, без какво било искажување на осуда или обвинување од страна на здравствените работници.

„Со важечкиот Закон за прекинување на бременоста („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2013, 164/2013, 144/2014 и 149/2015 се уредуваат условите под кои може да се врши прекинување на бременоста, постапката за одобрување на прекинувањето, условите за здравствените установи за вршење на постапката и надзорот над условите и постапката. Практиката на примена на Законот покажа проблеми со постојните административни процедури/бариери, со што се ограничува пристапот до и спроведување на постапката за безбеден абортус и остварување на правото на жените за спроведување на безбеден абортус. Дополнително, Комитетот за човекови права и Комитетот за културни и социјални права на ООН имаат изразено загриженост во однос на условите воведени со Законот за прекинување на бременоста од 2013 година со кои може кумулативно да се ограничи пристапот до легален абортус“, образложуваат од Министерството за здравство.

Промените на регулативата за прекин на бременоста беа најавени во месец јуни оваа година. Министерот Филипче тогаш истакна дека одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да ѝ го одземе.

„Она што е ново и што го немаше во досегашниот закон е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Нацрт-верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, со МТСП и со невладините организации“, додаде Филипче.

Изминативе години невладините организации континуирано укажуваа на потребата од измени во прописите за прекинувањето на бременоста. Правото на жената е човеково право со силна родова димензија, истакнуваа организациите и експертите. Инаку, веќе постојат и судски случаи и пресуда по основ на Законот за прекин на бременоста.

Се подготвуваат измени на Законот за прекин на бременоста

ПРВИ СУДСКИ СЛУЧАИ И ПРЕСУДА ПО ОСНОВ НА ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА: „Неопходни се законски измени“ – порачуваат адвокатите и експертите

М.В