/ Прочитано:

1.580

Во подготвка нова регулатива за управувањето со отпадот

Во организација на Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад при Стопанската комора на Македонија се одржа Меѓународна конференција на тема: „Европските искуства за улогата на компаниите кои управуваат со посебните текови на отпад – сега и во иднина“, која имаше за цел да ги актуализира/афирмира активностите кои ќе придонесат за унапредување на процесот на колективното управување со посебните текови на отпад (отпад од пакување, електронски и електричен отпад, отпадни батерии и акумулатори).

На конференцијата учествуваа претставници на бизнис-секторот,  претставници на Владата на РМ, на Министерството за животна средина и просторно планирање, на институциите, на локалната самоуправа и  другите засегнати субјекти, како и претставници на  колективни постапувачи со отпад од пакување, електричен и електронски отпад и отпад од батерии и акумулатори од Германија, Бугарија и Чешка, кои ги презентираа своите искуства на овој план.

Колку отпад создаваме и колку го рециклираме, дали сме на добар пат, учиме ли од земјите кои се пред нас во управувањето со отпадот, како понатаму? Ова се дел од прашањата на кои конференцијата  се обиде да даде одговори и насоки.

Во поздравното обраќање, претседателот на Асоцијацијата, Филип Ивановски, истакна дека управувањето со отпадот воопшто станува сè поактуелна тема во земјава и дека предлогот на Владата привремено да ги преземе ингеренциите од општините со цел побрзо решавање на регионалното управување со отпадот е позитивен чекор со цел  побрзо решавање на проблемите со отпадот.

Во Македонија годишно се создаваат над 700.000 тони  различен отпад, од кои над 100.000 тони се отпад од пакувања, над 15.000 тони електронски и електричен, над 70 тони мали батерии и над 3.500 тони акумулатори, истакна Ивановски. Ова, според Асоцијацијата, е над 20 % од вкупниот отпад, но сè уште има голем број компании кои не ги почитуваат законите со кои се задолжени да го пријавуваат отпадот што го создаваат и да финансираат негово одделно собирање и рециклирање. Компаниите членки на  Асоцијацијата се значаен дел од решението за интегрирано управување со отпадот, посебно затоа што се работи за фракции од отпадот кои или се рециклираат (отпад од пакување, акумулатори, метална електрика) и имаат вредност, или неправилното менаџирање може да има сериозни последици за здравјето на луѓето и животната средина воопшто (батерии, електронски отпад, отпадни масла, гуми…).

„Асоцијацијата смета дека моделот кој го имаме сега, со колективни постапувачи формирани од индустријата, е добар и дека недостасува институционална поддршка за негово полно имплементирање. Соработката со општините мора да биде на повисоко ниво, како и санкционирањето на компаниите кои пуштаат на пазарот отпад од посебни текови, а не финансираат системи за негово собирање и рециклирање“, истакна Ивановски.

Со свој поздравен  збор се обратија и Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање во Владата на РМ, Зоран Шапуриќ, министер без ресор во Владата на РМ задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, и заменик-претседателот на ЗЕЛС Висар Ганиу, кои го потенцираа значењето на управувањето со отпад во рамките на активностите за зачувување на животната средина, а на конференцијата присуствуваше и амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп.

На конференцијата учествува директори на најголемите компании – колективни постапувачи од Германија, од Чешка (двете земји со најголеми количества рециклиран отпад), потоа од Бугарија и од Aсоцијацијата на колективни постапувачи со седиште во Брисел – „ЕКСПРА“, кои ги пренесоа искуствата од своите земји, каде што законите за управување посебни текови на отпад се на сила повеќе од две децении.

За состојбите и предизвиците на колективните постапувачи со посебните текови на отпад во нашата земја презентација имаа потпретседателот на Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад Фана Христовска, како и претседателот на Асоцијацијата за секундарни суровини и рециклатори Владо Момировски, кој ги посочи натамошните заеднички активности во насока на успешно управување со овие текови на отпадот.

За претстојните измени во националната регулатива за отпад, за носење на нов  закон за управување со отпад, за законските решенија во врска со продолжена одговорност на производителот и за новите регулативи за посебните текови на отпад информираше Ана К. Мазневска, раководител на Секторот за отпад при Управата за животна средина.

Таа посочи дека се подготвува регулатива и за другите видови отпад, како што се: текстилниот отпад, отпадните гуми, отпадни масла, школки од автомобили. Се очекува во следните два месеца предлог-текстовите на новите закони да бидат ставени на јавна расправа. Асоцијациите при Комората, како и досега, ќе дадат свој конструктивен придонес кон градење на квалитетни и апликативни решенија.

Беше констатирано дека моделот кој го имаме сега во делот на управувањето по посебните текови на отпад, со колективни постапувачи формирани од индустријата, е добар и дека со поголема институционална поддршка за негово полно имплементирање ќе се постигнат и националните цели.

М.В