/ Прочитано:

4.133

Во Собранието одржан прв јавен настан за Законот за млади

По повод отпочнувањето на процесот за креирање на Законот за млади, во Собранието на Република Македонија се одржа јавен настан на кој се дискутираше за начинот на креирање на Законот, како и за потребите, за правата и за обврските на младите кои треба да бидат уредени со овој закон.

Модератор на овој настан беше пратеничката Ивана Туфегџиќ, а на настанот говореа: потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Фросина Ташевска-Ременски; директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски; пратеничката Невенка Стаменковска; претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески; пратеникот Костадин Костадинов; извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески; пратеникот Агим Шаќири и пратеничката Теута Биљаљи.

Процесот за креирање на Законот за млади започнува на иницијатива на Клубот за младински прашања и политики при Собранието на Република Македонија. Креирани се три работни групи, од кои едната е составена од пратеници членови на Клубот за младински прашања и политики, втората е предводена од Агенцијата за млади и спорт, а составена од претставници на институциите на Владата на Република Македонија и третата е составена од претставници на граѓански организации членови на најголемите младински чадор-организации во државата.

По серијата средби, трите групи креираа предлог-процес за креирање на Закон за млади, кој обезбедува широк, инклузивен и сеопфатен пристап. На креирањето на овој закон ќе му претстојат широки консултации на локално и на национално ниво, јавни трибини и дискусии со академската и експертската фела, институционални мапирања, како и серија на јавни расправи. Ова е прв случај на отпочнување на легислативен процес со вклученост на сите засегнати страни.

М.В