/ Прочитано:

1.234

Во Собранието започна постапката за донесување нов Закон за спречување на корупција и судир на интереси

Во Собранието на Република Македонија официјално започна постапката за донесување на нов Закон за спречување на корупција и судир на интереси. Овој закон обединува материја од два закона – Законот за спречување на корупција и Законот за судирот на интереси, што всушност е и препорака од ГРЕКО – да има обединета законодавна рамка за овие две, тесно поврзани материи.

Министерката за правда, Рената Дескоска, даде образложение на Предлог-законот, во кој се инкорпорирани препораките од ГРЕКО, од Извештајот на Прибе и од Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија. Според министерката Дескоска, станува збор за закон којшто е усогласен со она што значи правна рамка на Европската Унија. Корупцијата во овој закон се дефинира на ист начин како што е дефинирана во директивите на ЕУ.

„Главните проблеми нотирани во Извештајот на Прибе и во Извештајот на ЕК беа прашањата околу изборот и составот на ДКСК, кои, според постојниот закон, не гарантираа непристрасност и непартиско однесување на членовите на ДКСК“, истакна министерката.

Станува збор за комисија каде што се зголемени критериумите за избор на членовите и на претседателот. Веќе се дефинирани областите од коишто можат да бидат избрани членовите и претседателот на комисијата: правнички, политички, комуниколошки и економски науки, кои, според министерката Дескоска, се областите кои нудат најдобри познавања на оние коишто би работеле со откривање или спречување на корупција.

Покрај ова, како услов за избор потребно е и дванаесет години работно искуство по завршувањето на високото образование, од кои осум во области на откривање или спречување на корупција, или владеење на правото и доброто управување.

„Предлагаме да се воведе забрана лицата што ќе бидат членови или претседател на комисијата во последните 10 години да не биле пратеници, членови на влада, донатори на политичка партија или да не вршеле функција во органи на политичка партија. Се обидуваме, покрај вакво ограничување, да се воспостават и формални механизми и во однос на учеството на лица коишто тесно биле поврзани со политиката или биле активни во изминатите 10 години“, потенцира министерката Дескоска.

Предвиден е и транспарентен процес на избор на членови и претседател на ДКСК со учество на граѓанските организации и медиумите.

По објавениот оглас за членови и за претседател на ДКСК, Собранието ќе објави оглас за здруженија на граѓани кои работат во областа на владеењето на правото, доброто управување и  спречување на корупција за да се пријават да учествуваат нивните претставници во интервјуто на кандидатите, а ќе присуствуваат и новинарските здруженија, претставници од МАНУ и од Интеруниверзитетската конференција со цел да се овозможи еден транспарентен процес во кој ќе бидат избрани овие лица. По интервјуто, кое ќе биде јавно, Собранието ќе ја има обврската да ги избере оние коишто се најдобри – сето тоа под будното око на јавноста.

Особено внимание е посветено и на контролата на финансирањето на политичките партии, донациите и изборните кампањи кои ќе бидат под посебна лупа и на ДКСК, не само на другите државни органи.

Новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси во собраниска процедура

Антикорупциската комисија да биде формирана според меѓународните стандарди за независност и неселективност

ОЦЕНКА НА ГРЕКО ЗА МАКЕДОНИЈА: Разочарувачки резултати за превенцијата на корупцијата

Втората верзија на измените на Законот за спречување на корупција на увид на јавноста

Клучните новини во предложените измени на Законот за спречување на корупцијата

Министерката за правда ги образложи измените на Законот за спречување на корупцијата за кои ќе има јавна дебата

Новата антикорупциска комисија ќе биде составена од експерти

Во подготовка измени на законска регулатива за спречување на корупција и на повеќе прописи од правосудството

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара професионализам, департизација и интегритет од членовите на ДКСК

M.В