/Прочитано:

413

Во собраниска процедура измените на Законот за Народниот правобранител како мeхaнизам на граѓанска контрола

Со донесувањето на предложените измени и дополнувања на Законот за Народниот правобранител, се вели во законското образложение, ќе се овозможи воспоставување на Народниот правобранител како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на вработени во Министерството за внатрешни работи при примена на полициски овластувања и од страна на припадници на затворската полиција.

Целите што треба да се постигнат со Законот се зајакнување на заштитата на човековите права, во согласност со стандардите на Советот на Европа и други меѓународни стандарди, и обезбедување поддршка и заштита на жртвата/жртвите и нејзините/нивните интереси да се презентирани во сите постапки преку ефикасна и транспарентна истрага при кривични дела и други незаконити постапувања извршени од страна на  вработени во Министерството за внатрешни работи при примена на полициски овластувања и од страна на припадници на затворската полиција.

Во измените на Законот за Народниот правобранител се предвидува воспоставување на, како што се дефинира во текстот на измените, механизам за граѓанска контрола. Во состав на Народниот правобранител – механизам за граѓанска контрола учествуваат три надворешни членови од невладини организации, кои треба да имаат докажано работно искуство во областа на човековите права, полициското право и правосудството.

„Народниот правобранител како механизам за граѓанска контрола акцентот го става на актуелни постапки/случаи иницирани по барање на странката жртва или семејството, по иницијатива на претставници на граѓанскиот сектор, како надворешни членови, како и по сопствена иницијатива по добиени сознанија (допрен глас) за можни повреди на правата, во согласност со членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човековите права. Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител се овозможува создавање посебно надворешно тело како дополнителен коректив на системот на истрага при кривични дела извршени од страна на овластени службени лица при Министерството за внатрешни работи и од припадници на затворската полиција. За таа цел, а тргнувајќи од уставната поставеност, независноста, препознатливоста, искуството и практиката на институцијата, како и проширените надлежности, се очекува дека Народниот правобранител реално може да ги извршува таквите надлежности“, образложуваат од Министерството.

Како што се предвидува во законските измени, Народниот правобранител – механизам за граѓанска контрола за реализација на законските овластувања, со цел утврдување на состојбите во врска со постапувањата извршени од страна на вработени во Министерството за внатрешни работи при примена на полициски овластувања и од припадници на затворската полиција, може да врши ненајавени посети во органите, институциите и установите.

Народниот правобранител – механизам за граѓанска контрола има непречен пристап до сите информации и докази, без оглед на степенот на доверливост и без какво било условување од кој било орган или службено лице. За своето работење и за спроведените дејствија Народниот правобранител –  механизам за граѓанска контрола подготвува извештај кој е составен дел од Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на уставните и законските права на граѓаните, кој го доставува до Собранието на Република Македонија и јавно го објавува. За одредени случаи Народниот правобранител – механизам за граѓанска контрола може да изготвува и посебни извештаи. Иницијативата за изработка на Предлог-законот е во согласност со заклучокот произлезен од проектот на Советот на Европа  „Јакнење  на почитувањето на човековите права при полициското постапување“.

Народниот правобранител – коректив на системот за истрага на кривични дела извршени од вработени во МВР

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Народниот правобранител преку механизам за граѓанска контрола ќе ја контролира работата на полицијата

М.В