/ Прочитано:

2.411

Врховниот суд на Велика Британија ја доби првата жена претседател

Бренда Хејл, сегашниот потпретседател на Врховниот суд, денес е избрана за нов претседател на судот, јавуваат британските медиуми, а исто така пополнети се и други 3 слободни судиски места во судот.

Судијката Хејл стана член на Врховниот суд на Велика Британија во 2009 година и е позната по својата борба и залагање за рамноправност на двата пола во правосудството. Со години наназад, пред да стане судија, таа била критичар на родовата нерамноправност во британското правосудство и велела дека тоа било „премногу машко и премногу бело“.

Шареноликоста во правосудството и промените што се случуваат во него ќе придонесат за креативност при носењето на судските одлуки, наместо тие да се носат во шаблонизирана форма.

Со изборот за нов претседател на судот, Хејл, која е родена 1942 година во Јоркшир, годишно ќе заработува 225.000 фунти и ќе биде меѓу последните судии што ќе можат да судат со навршени 75 години. Тие правила беа сменети во 1995 година кога судиите задолжително се пензионираа откако ќе навршат 70 години возраст.

Своето образование Хејл го почнала во родното место, а потоа учела во женската гимназија во Ричмонд, за да дипломира потоа на Гринтон колеџот при Универзитетот во Кембриџ, како најдобра во генерацијата. Професионалната кариера ја започнала на Универзитетот во Манчестер како асистент по право, а потоа и како професор во 1986 година.

Судиската кариера ја почнала во 1989 година како окружен судија, а во 1994 станала судија на семејниот оддел на Високиот суд на Англија и Велс. Во јуни 2013 година била именувана за потпретседател на Врховниот суд на Велика Британија, наследувајќи го лордот Дејвид Хоуп.

С.М.