/ Прочитано:

3.787

За граѓаните и станари неприклучени на парно греење правното мислење на Врховниот суд е голем аргумент

Врховниот суд донесе правно мислење во кое се утврдува дека не треба да плаќаат надомест станарите кои никогаш не биле приклучени на систем на топлинска енергија, не склучиле договор и не поставиле инсталација.

„Станарите кои никогаш не биле приклучени на систем на топлинска енергија, не склучиле договор за снабдување со топлинска енергија и немале поставено внатрешна инсталација од снабдувачот на топлинска енергија немаат статус на исклучени пасивни потрошувачи и со тоа не треба да плаќаат надомест за ангажирана моќност (фиксен дел од надоместокот за топлинска енергија)“, се вели во правното мислење на Врховниот суд.

Според адвокатот Владимир Кацарски, кој пред неколку години водеше предмет што резултираше со правосилна пресуда во корист на граѓанин и кој сè уште е застапник во предмети од оваа проблематика, во правното мислење прецизно е наведено дека оваа категорија сопственици на станови во Скопје не е обврзана да плаќа никаков надомест во однос на фиксниот надоместок за ангажирана моќност. Правното мислење на Врховниот суд на РМ, посочува адвокатот, е во однос на поставеното прашање за уедначување на судската пракса во однос на постапките кои се водат против сопствениците на станови неприклучени на парно на мрежата за централно греење.

„Како адвокат кој има добиено правосилна пресуда за ваков случај, ова го тврдам веќе 3-4 години. Правното мислење е во интерес на граѓаните и на владеењето на правото. Во согласност со Законот за судовите, Врховниот суд на РМ ја уедначува судската пракса на ниво на Републиката. Тоа уедначување се врши со изготвување начелни ставови и начелни правни мислења. Пониските судови се должни да ги следат овие два инструменти, било тоа да се однесува на силата на правната аргументација, или пак на задолжителноста во толкувањето или примената на општите правни норми при правораздавањето“, вели адвокатот.

„Конкретно, во однос на објавеното правно мислење, кое оди во прилог на граѓаните кои се сопственици на станови во згради и кои ниту се имаат приклучено на централното градско парно, ниту пак низ нивниот имот поминуваат цевки за парно греење, треба да значи дека тие граѓани од денес натаму немаат правен основ да бидат задолжувани со фиксниот надоместок за ангажирана моќност кој им беше фактуриран досега“, појаснува адвокатот Владимир Кацарски.

Адвокатот очекува дека станарите кои се тужена страна и кои во сите судски постапки се повикувале на правната аргументација истакната во правното мислење сега имаат голем аргумент на своја страна кој ја поништува аргументацијата на тужителот со која и неприклучените сопственици на станови беа изедначувани со исклучените.

„Ова е голем напредок кон практичната и доследната примена на Уставот на РМ и позитивните законски прописи и лично верувам дека судската пракса ќе се сврти кон правата на граѓаните. Верувам дека судечките судии соодветно ќе го применат ова правно мислење на ВСРМ во рамките на своите судски постапки“, вели адвокатот Кацарски.

ПРЕСУДА НА УПРАВНИОТ СУД ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН: БЕГ и Топлификација не смееле да ги прибираат неговите лични податоци

ПРЕСУДА ВО КОРИСТ НА ГРАЃАНИН КОЈ НЕ ПЛАЌАЛ СМЕТКИ ЗА ПАРНО ГРЕЕЊЕ: Нема правен основ за наплата на сметки за невклучено парно греење

М.В