/Прочитано:

725

„За клиентите е важна безбедноста на адвокатските фирми и доверливоста на податоците“ – Маријана Винтијадис, експерт за бизнис-разузнавање

Маријана Винтијадис е управувачки директор во „Крол“, а како професионалец особено е фокусирана на бизнис-разузнавањето. Моментално работи во канцеларијата во Милано, каде што како извршен директор е одговорна за работењето во регионот на Југоисточна Европа. Во 2004 година станува дел од Одделот за бизнис-разузнавање и истрага, а како практичар е дел од најважните процеси на бизнис-разузнавањето во корпоративното работење на „Крол“. Винтијадис беше овогодишен говорник на Конференцијата на Академик посветена на правните ризици.

akad 2

Сајбер-криминалот зема голем замав

Винтијадис вели дека според нејзиното искуство ризиците од сајбер-криминалот на глобален план се варијабилни. Во некои случаи, вели експертката за бизнис-разузнавање, постојат пософистицирани сајбер-измами кои се типични за некои места каде што и компјутерскиот криминал е исто така специјалност. Нелегалниот пристап до еден или до повеќе компјутерски системи со злоупотреба на безбедноста и со надминување на безбедносните пречки е со цел да се користат или да се украдат и да се злоупотребуваат податоците.

За компјутерски криминал се сметаат случаите во кои се повредени: националната безбедност, човековото достоинство, малолетните лица, економската безбедност, безбедноста на информациите, приватноста, угледот, интелектуалната сопственост и случаите со маркетиншка злоупотреба итн.

Во тие случаи се соочуваме и со најдобрите хакери на светот, истакнува Винтијадис. Нагласувајќи го прашањето за заштитата од сајбер-криминалот, таа вели дека денес во светот постои зголемена свест за ризиците од измами во областите како што се: електронските адреси, интернетот, измамите со кредитни картички, но и интерните измами во правните компании.

Мариана Винтијадис Академик Конференција 2016, втор ден

Адвокатите имаат исклучително важни информации

„Овие прашања денес претставуваат едни од најважните компоненти во работата на правните компании и на адвокатските друштва, и тоа е разбирливо бидејќи адвокатите имаат исклучително важни информации кои се од непроценлива важност. Во денешно време сајбер-криминалот зема голем замав, со толкава брзина што правните системи не можат да го следат. Од тие причини заштитата е приоритетна“, вели Винтијадис.

„Порано требаше да бидете стручњак за да пробиете код. На пример,  малкумина знаеја како да се пробие кодот на Пентагон, а денес дури и на Јутјуб има упатства како да  се направи тоа“, истакнува експертката за бизнис-разузнавање.

Во таа насока, Винтијадис додава дека фирмите, адвокатските друштва и адвокатите, со обезбедувањето заштита од напади од сајбер-криминал, имаат и конкурентска предност ако ги убедат клиентите дека имаат добра заштита.

„Адвокатите секогаш треба да имаат предвид дека колку повеќе клиенти имаат, толку повеќе се загрозени од сајбер-криминалот и од хакерските напади. Адвокатите секогаш се од посебен интерес за криминалците затоа што имаат и работат со многу доверливи информации. Но исто така, адвокатите секогаш треба да имаат предвид дека на клиентите им значи безбедноста на адвокатските фирми.“

Во таа смисла, образложува Винтијадис, адвокатските друштва и правните компании треба да се ориентирани кон клиентите во врска со нивните барања за безбедноста и заштитата на доверливоста

Мариана Винтијадис Академик Конференција 2016, втор денBAT_9453 copy_resize

Светот технолошки се развива, па затоа потребна е едукација

„Се разбира, бидејќи се работи за тренд во правото, едукацијата е неопходна. Преку едукацијата и преку размена на искуства се зајакнува и свеста за овие прашања. Сепак, светот се менува, технолошки се развива и тоа има свои импликации и во правото и во бизнисот. Една од тие можности за едукација е токму преку посетата на конференциите на кои се споени различни профили на професии, како што е и на Конференцијата на Академик. Секоја земја си има свои закони, постојат меѓународни судови и меѓународни судски случаи од кои многу може да се научи, и поради тоа овој вид на конференции им овозможуваат на луѓето кои имаат меѓународно искуство да ги споделат своите знаења со поширока публика затоа што секој може да научи од нив, без разлика на искуство на присутните стекнато во локални рамки“, истакнува Маријана Винтијадис, управувачки директор во „Крол“.

М.В