/ Прочитано:

1.481

За мнозинството уставни судии оспорената одлука за референдумот не е противуставна

Уставниот суд на РМ на денешната седница ја разгледа оспорената Одлука за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година. За мнозинството уставни судии Одлуката е во согласност со Уставот на Република Македонија. Ставот на уставните судии е спротивен на ставот на судијката известител за предметот, Гошева, која во својот реферат ги истакна аргументите зошто смета дека Одуката на Собранието е противуставна.

Според Гошева, Одлуката не ги содржи сите законски елементи, има повеќе правни недостатоци, референдумското прашање е суштински погрешно, непрецизно и капциозно, а Договорот со Грција не постои де јуре, и е потпишан од неовластен орган. Прашањето, рече Гошева, содржи 8 можни одговори, а не еден. Основани се, нагласи Гошева, наводите во Иницијативата за оценувањето на Одлуката, во која се посочува дека Одлуката е непотполна и спротивна на начелото на правна сигурност.

Уставната судијка Гошева побара поведување постапка и времена мерка – стопирање на активностите за референдумот до донесување конечна одлука на Уставниот суд бидејќи противуставната одлука ќе создаде ненадоместливи и негативни последици, особено од аспект на нејзината незаконитост и спротивност со начелата на владеењето на правото и правната сигурност.

Судијата Јован Јосифовски во своето излагање истакна дека Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ги штити уставноста и законитоста и дека во таа насока уставните судии мора да се фокусираат на уставноста на оспорената одлука. Судијата Јосифовски нагласи дека треба да се поведе постапка за оспорената одлука и дека таа содржи бројни правни недостатоци, за кои изрази чудење како воопшто можеле да бидат формулирани така. За Јосифовски, нема дилема дека референдумското прашање е нејасно и збунувачко.

Претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и судиите Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Владимир Ивановски, Сали Мурати во своите излагања на денешната седница истакнаа дека Одлуката на Собранието не е во спротивност со Уставот.  Дел од нив посочија дека и покрај тоа што во Одлуката има недостатоци, тие не се суштински за поведување на постапка и за прогласување на Одлуката за противуставна.

Во излагањата на судиите се нагласи значењето на референдумот во смисла на остварувањето на целите на непосредната демократија, но во дискусиите не изостана и акцентирањето и значењето на Договорот со Грција во смисла на интеграциите на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Претседателот на Уставниот суд нагласи дека Уставниот суд ја штити уставната определба дека суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и дека, меѓу другото, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат и по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Судијата Осман Кадриу во своето излагање потенцираше дека Одлуката на Собранието не е спорна ниту во еден аспект и дека е во функција на остварување на она што се нарекува „државна причина“ и „државен интерес“. Одлуката не е нелегитимна, рече Кадриу, бидејќи е донесена во законодавниот дом. Исто така, додаде Кадриу, Одлуката за референдум е уставна и во ред е овој референдум да има консултативен карактер

Судијата Дарко Костадиновски подвлече дека Договорот со Грција е комплексен договор и референдумското прашање не е недвосмислено затоа што е во причинско-последично единство. Прашањето, нагласи Костадиновски, е јасно. Трите прашања содржани во едно имаат причинско-последични врски. Тоа не ги доведува во заблуда граѓаните.

И судиите Вангелина Маркудова, Насер Ајдари, Владимир Стојаноски и Сали Мурати сметаат дека Одлуката не е во спротивност со Уставот и дека нема уставни пречки во постапката за распишување на референдумот за 30 септември.

Со 7 гласа „против“ и 2 гласа „за“, Уставниот суд одлучи дека нема уставни пречки во постапката за распишување на референдумот за 30 септември.

„Судот не изрази сомнеж за уставноста и законитоста на Одлуката“, официјално известија од Уставниот суд веднаш по гласањето на уставните судии за уставноста на оспорената одлука за распишување на референдумот.

Оспорената одлука за распишување на референдумот на седница на Уставниот суд

ДИК го усвои Кодексот за набљудување на референдумот

Левица поднесе иницијатива пред Уставниот суд за поништување на собраниската одлука за референдумот

Проверката на податоците во Избирачкиот список за спроведување на референдумот ќе трае до 23 август

Јавна седница на ДИК за прашања поврзани со референдумот

Изгласана Одлуката за референдум за консултирање на граѓаните

Предлог-одлуката за референдум за консултирање на граѓаните поднесена од група пратеници

Процедурите во Договорот со Грција кои се однесуваат и на зачленувањето на Македонија во НАТО

Дескоска: Со Законот за референдум не може да се менува цензусот за референдум бидејќи цензусот е уставна категорија

Претседателот Иванов донесе одлука да не го потпише указот за Законот за ратификација на договорот со Грција

Сè уште нема конечна одлука дали ќе се менува Законот за референдум, вели министерката за правда

Што се предвидува во Договорот со Грција за употребата на придавките во однос на „јавните институции и приватните ентитети“

Собранието го ратификуваше договорот со Грција

Предлог-законот за ратификација на договорот со Грција во собраниска процедура по скратена постапка

Владата ќе го достави Предлог-законот за ратификација на договорот со Република Грција

Предвидените внатрешни правни постапки во потпишаниот договор со Грција потребни за негово влегување во сила

Владата го објави текстот на договорот со Грција 

М.В