/ Прочитано:

3.288

„За овие две децении успеавме да станеме синоним за знаење и можности“ – Ангела Јанкоска, претседателка на ЕЛСА – РM  

Како претседателка на ЕЛСА, кои се вашите заложби и планови во врска со дејствувањето на организацијата?

Во текот на мојот мандат, јас и останатите членови на Извршниот одбор, пред сѐ, целиме кон поголема препознатливост на организацијата и на меѓународно и на национално ниво. Студентите се носители на прогресивните идеи, па сакаме да биде слушнат нивниот глас и да биде соодветно застапен. Дополнително, како и секоја година тука е стремежот за постојано зголемување на нашето членство, за приближување на организацијата до студентите и за развивање на критичката мисла кај нив. За таа цел, оваа година го воспоставуваме и списанието на ЕЛСА – „Јустиција“, во кое нашите членови за прв пат ќе можат да објавуваат свои трудови. Впрочем, основната визија на ЕЛСА е „Праведен свет, во кој има почит за човековото достоинство и културната разноликост”, па и сите наши активности се во насока на промовирање на овие вредности и нивно пренесување на младите генерации.

Оваа година прославувате 20-годишен јубилеј, па како ја оценувате досегашната работа на ЕЛСА и кои се идните предизвици?

За овие две децении постоење и напорна работа, успеавме да станеме синоним за знаење, можности, амбиција, право, интернационалност. Се етаблиравме како бренд помеѓу студентите по право, и тоа што сѐ уште успешно работиме е доказ за квалитетот што го поседува ЕЛСА како организација и секако нејзините членови. Морам да признам дека сме посебно мотивирани оваа година и истовремено чувствуваме поголема одговорност. Секако, секогаш има простор за напредок. Ние ги вложуваме сите сили со цел да ги надминеме недостатоците од минатото и да ја однесеме организацијата на едно повисоко ниво, што мислам и дека ќе успееме кога докрај ќе го реализираме годишниот план. Јас лично ќе бидам најзадоволна ако видам дека навистина сме оставиле трага во организацијата, но и цврста основа за идните генерации и годините што треба да дојдат.

Која е предноста да се биде член на ЕЛСА?

Да се биде член на ЕЛСА значи да се биде авангарда помеѓу студентите по право. Денес, во ситуација кога има толку многу правници, ЕЛСА дава шанса уште од студентските денови да се издвоиш од толпата, да стекнеш дополнителни знаења и вештини и помага да го трасираш патот за во иднина. Преку конференциите, семинарите и обуките се трудиме да го надградуваме знаењето на нашите членови и да надополниме онаму каде што потфрла формалното образование. Постојано нудиме и пракса со цел од нашите членови да направиме изградени личности кои не само што ја владеат теоријата туку имаат и шанса да ја применуваат и да видат како навистина функционира таа во практиката. Но она што би го издвоила како најголема придобивка за секој наш член е интернационалноста на оваа организација. ЕЛСА е присутна во 44 држави низ Европа и е многу високо вреднувана на меѓународно ниво. На нашите членови им овозможуваме да присуствуваат на меѓународни конференции, да посетуваат летни и зимски школи организирани од ЕЛСА, да учествуваат на меѓународни натпревари, да одат на СТЕП-пракса во други држави, или да бидат дел од тимот истражувачи за Советот на Европа. На овој начин се стекнуваат драгоцени пријателства, плодни соработки и навистина се продлабочува правничкото знаење преку компаративни дискусии со колегите од други држави. Во суштина, на ЕЛСА може да се гледа како на еден мост што го поврзува академското образование со професионалната кариера, истовремено стекнувајќи незаменливи искуства.

Зошто се одлучивте да студирате право и на која област од правото сте посветени во вашата едукација?

Па, да бидам искрена, кога како средношколец размислував за факултет, правниот факултет не беше опција за мене. Јас буквално имав еден пресвртен момент, а тоа беше првата посета на Советот на Европа и Судот за човекови права во Стразбур. Дотогаш не многу запознаена со правото, сето она што го видов и чув беше инспирација за тоа што сакам да бидам јас. Моментално сум студент на магистерските студи по Казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први” и од сегашен аспект, кога сум на крајот на моите студии, сметам дека го направив вистинскиот избор. Многу ми е драго што во иднина ќе работам нешто за коешто чувствувам толкава страст и коешто толку многу ме исполнува.

Која е вашата порака до студентите по право?

Да бидат амбициозни и од првиот чекор на факултет да работат напорно за она што сакаат да го постигнат. Ако веќе го одбрале правото за своја професија, нека бидат најдобри во тоа. Успехот нема да дојде сам од себе, треба многу да се чита, многу да се работи, ама затоа е неминовен кога си на свој терен и кога работиш со голема љубов. И најважно од сѐ, нека не се задоволуваат со малку! Образованието не е само оценката, дипломата или работата што ќе ја добијат, тоа е цел процес, процес што не завршува.

M.В