/ Прочитано:

4.745

За правилен третман на отпадните води и одржливост на животната средина, потребно е почитување на регулативата и јакнење на свеста

Повеќе од 80% од нашата отпадна вода се враќа во природата нетретирана. Наместо да се загадува, треба да се преземат конкретни мерки за редуцирање на загадувањето, за да може потоа и повторно да се употреби. До 2030 година една од целите е да се овозможи безбедна вода и санитација за секого со преполовување на нетретираните отпадни води и зголемување на рециклирањето и безбедната реупотреба.

Подобрување на квалитетот на водата преку намалување на загадувањето, елиминирање на отпадот и минимизирање на ослободување на опасни хемикалии и материи, преполовување на уделот на непречистени отпадни води и значително зголемување на рециклирањето и повторна безбедна употреба на водите се главните приоритети во Целите за одржлив развој зацртани до 2030 година.

На Светскиот ден на водите, основната порака оваа година се однесува на правилниот третман на отпадните води, а целта е генерално да се влијае врз свеста да не се загадуваат површинските и подземните води со разни загадувачки материи преку индустрискиот процес. Да се пречистуваат ако се веќе загадени, со што се спречува можноста за евентуално наводнување на земјоделските култури со бактериолошки и хемиски неисправна вода и секако да се спречи дистрибуцијата на загадени води до сите корисници.

Според анализите кои се однесуваат на управување и третман на отпадните води, повеќе од 80% од отпадните води генерирани од општеството течат во екосистемот без да бидат третирани или повторно употребени, што претставува огромен ризик за населението. Исто така, истражувањата покажуваат дека до 2050 година, речиси 70% од светската популација ќе живее во градовите, во споредба со сегашните 50%, а моментално, повеќето градови во земјите во развој немаат соодветна инфраструктура и ресурси за управување со отпадни води на ефикасен и одржлив начин. Од друга страна, можностите за искористувањето на отпадните води како ресурс се огромни, бидејќи безбедното управување со отпадните води е прифатлив и одржлив извор на вода, енергија, хранливи материи и други обновливи материјали. Трошоците за управување со отпадни води се значително помали од придобивките во врска со здравјето на луѓето, економскиот развој и одржливоста на животната средина, обезбедувајќи нови бизнис можности и создавање на повеќе „зелени“ работни места

„Повеќе од 80% од нашата отпадна вода се враќа во природата нетретирана. Наместо да се загадува, треба да се преземат конкретни мерки за редуцирање на загадувањето, за да може потоа и повторно да се употреби. До 2030 година една од целите е да се овозможи безбедна вода и санитација за секого со преполовување на нетретираните отпадни води и зголемување на рециклирањето и безбедната реупотреба. Главно треба да се работи на подобрување на третманот на отпадните води, односно да се редуцираат загадувачките материи кои навлегуваат во екосистемот“, велат во Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Оттаму појаснуваат дека сето ова во Македонија е регулирано со Законот за водите со кој се забранува секакво испуштање на отпадни води, материи и супстанции во водите, освен под услови, на начин и во постапка определени со овој закон. Во согласност со член 110 од Законот за водите, како што истакнуваат од Институтот за јавно здравје, испуштање на ефлуент од индустриски и земјоделски течен отпад и урбани отпадни води, како и отпадни масла во канализација или во систем за одводнување, во површински и подземни водни тела, како и во крајбрежни земјишта и водни живеалишта се забранува, освен врз основа на дозвола, што пак е регулирано во член 79 на овој закон.   

Дозвола за испуштање се издава само доколку:

1) концентрацијата на отпадните материи и супстанции во отпадната вода со примена на современите техники и практики, односно со примена на најдобра достапна техника за инсталациите за кои се прибавува А-интегрирана еколошка дозвола, се одржува на најниско можно ниво;

2) ефлуентот не содржи приоритетни опасни материи и супстанции определени согласно со член 107 од овој закон;
3) карактеристиките на ефлуентот се во согласност со прописите за граничните вредности на емисиите на одредени опасни и штетни материи и супстанции и целите за квалитетот;

4) издавањето дозвола е во согласност со планот за управување со речниот слив и
5) издавањето дозвола е во согласност со меѓународните договори ратификувани од Република Македонија.

Отстранување на отпадни води, во смисла на овој закон, значи собирање, одведување, прочистување и испуштање на отпадните води од домашни и индустриски ефлуенти, како и на собраните поројни води од атмосферски врнежи во урбанизирани области. Отстранувањето опфаќа и подземна инфилтрација или наводнување на земјиште со отпадни води, како и отстранување на тиња добиена со прочистување на отпадните води.

Институтот за јавно здравје потенцира дека сите општини во Република Македонија, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да ги соберат, одведат и да ги пречистат отпадните води што произлегуваат или се создаваат на нивното подрачје, вклучувајќи го и отстранувањето на тињата. Освен тоа, во согласност со Законот за водите, Владата, градоначалникот на општините, градоначалникот на општините во градот Скопје и градоначалникот на градот Скопје се должни да обезбедат: 

1) постоење на систем за собирање на отпадните води во секое населено место со повеќе од 2.000 е.ж.;

2) соодветно прочистување на сите отпадни води кои се испуштаат од системи за собирање на отпадни води од населени места со помалку од 2.000 е.ж.;

3) секундарно (биолошко) или на него соодветно прочистување на отпадните водите од системите за собирање на отпадни води од населени места со повеќе од 2000 е.ж. и

4) отпадните води кои се испуштаат во зони чувствителни на испуштање на урбани отпадни води ќе бидат подложени на построго прочистување.

Кога постоењето на систем за собирање и одведување на отпадни води не е оправдано поради големи трошоци или затоа што системот нема да придонесе за подобрување на животната средина, се користат индивидуални системи или други соодветни системи со кои се постигнува истото ниво на заштита на животната средина.

Повторно користење на прочистените урбани отпадни води

(1) Прочистените урбани отпадни води се користат повторно доколку тоа е соодветно, водејќи притоа сметка за намалување до најниска можна мера на негативните влијанија врз животната средина, а по претходно прибавена дозвола од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина.

(2) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина во согласност со министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на здравството, поблиску ги пропишува условите, начинот и максимално дозволените вредности и концентрации на параметрите на прочистените отпадни води за нивно повторно користење.

(3) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина поблиску ги пропишува формата и содржината на образецот на барањето и на дозволата за повторно користење на прочистените отпадни води, како и начинот на издавање на дозволата.

А. Б.