/ Прочитано:

1.232

За Уставниот суд либерализацијата на бројот на извршители би довела до правна несигурност

Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ – Скопје, Здружението на граѓани на текстилната, кожарската и чевларската индустрија „Гласен текстилец“ – Штип и Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членот 32 став 4 од Законот за извршување, кој се однесува на бројот и именувањето на извршители. Уставниот суд не поведе постапка за оспорената одредба.

Поконкретно, според оспорениот член, бројот на извршителите за подрачјето на основниот суд го определува министерот врз основа на претходно прибавена согласност од Владата на Република Македонија. Бројот на местата се определува врз основа на мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, од Нотарската комора на Република Македонија податок за бројот на извршни нотарски исправи, како и по прибавено мислење на Комората на извршители.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба министерот за правда има целосна и неограничена моќ на одлучување при определувањето на бројот на извршители, што доведува до апсолутна потчинетост на извршителот на волјата на министерот.

Законските одредби не содржат ограничувачки и јасни критериуми, односно начела врз основа на кои би се определувал бројот на извршителите. Во иницијативата се наведува дека именувањето на извршителот треба да значи одговорност во извршувањето на јавните овластувања, а не негова потчинетост и зависност од волјата на министерот, односно во интерес на самиот извршител е да биде надвор од волјата на министерот. Само со независен пристап кон извршителите од страна на државните органи би имало место за нивно слободно дејствување на слободниот пазар и претприемништво.

Од Уставниот суд велат дека во конкретниов случај станува збор за лица на кои државата им ги пренела јавните овластувања да го спроведуваат присилното извршување на извршните исправи во ситуација кога должниците не ги почитуваат одлуките на судовите или другите надлежни органи и одбиваат доброволно да постапат согласно обврските утврдени во соодветните одлуки.

„Оттука, државата целосно се откажала од правото самата да го спроведува присилното извршување, притоа јасно определувајќи ги правилата на постапување на извршителите, цените на нивните услуги утврдени со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 226/16), како и задржувајќи го правото на континуирано вршење надзор над исполнувањето на законските предвидени услови за работа на извршителите.

Ограничувањето на бројот на извршителите на секое од судските подрачја е направено со цел да одговара на реалните потреби на општеството. Токму затоа, според член 32 став 4 од Законот, бројот на извршителите го определува министерот за правда врз основа на претходно прибавена согласност од Владата на Република Македонија, а по претходно прибавено мислење од претседателот на основниот суд за бројот на правосилните и извршните одлуки на основниот суд, од Нотарската комора на Република Македонија податок за бројот на извршни нотарски исправи, како и по прибавено мислење на Комората на извршители“, се наведува наведува во решението на Уставниот суд , од каде што додаваат дека е сосема оправдано бројот на извршителите да биде различен за поединечните подрачја во државата и да зависи од бројот на судските предмети.

Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата со кои се ставаат во ист контекст „слободата на пазарот и претприемништвото“ со поимот на „вршители на јавни овластувања“. Овозможувањето на либерализацијата на бројот на извршители како строго регулирана професија во услови на ограничен простор за работа би резултирало со помала контрола од страна на државата, со што ќе се доведе до целосна правна несигурност во постапувањето на извршителите, на штета на странките во извршувањето.

„Евентуалната либерализација на бројот на извршители само би довела до правна несигурност и можност за незаконитост во постапувањето, поради отсуство на ефективна контрола од страна на државата“, посочуваат од Уставниот суд.

М.В