/ Прочитано:

2.406

Загрепскиот адвокат Јосип Шурјак – нов претседател на Хрватската адвокатска комора

Хрватските адвокати го избраа загрепскиот адвокат Јосип Шурјак за нов претседател на Хрватската адвокатска комора. Од Хрватската адвокатска комора информираат дека новиот прв човек на хрватската адвокатура веднаш откако бил избран истакнал дека за време на своето раководење со Комората ќе ја чува самостојноста и независноста на адвокатурата и дека ќе работи во насока на одржување на единството и континуитетот на Хрватската адвокатска комора.

Упатувајќи му честитки на новиот претседател, досегашниот претседател на Хрватската адвокатска комора, Роберт Траваш, нагласил дека адвокатурата е специфичен дел на правосудството кое го гарантира остварувањето на правата на граѓаните и дека во тој контекст треба да се однесува и целото општество кон адвокатурата.

Во биографијата на новиот претседател на Хрватската адвокатска комора се вели дека тој е основач на Адвокатското друштво „Равлиќ и Шурјак“  и претходно на Адвокатското друштво „Палиќ и Шурјак“. Како адвокат Шурјак работи на материјата од областа на трговското право, правото на друштва, хартии од вредност и пазарот на капитал и трговијата со недвижности.

Во Хрватската адвокатска комора Јосип Шурјак бил дисциплински обвинител, а  повеќе години бил активен во телата и органите на Комората, почнувајќи уште со раководењето на здружението на адвокатските приправници кое функционира во рамки на Комората.

49-годишниот Шурјак дипломирал на Правниот факултет во Загреб во 1994 година, а четири години подоцна е впишан во именикот на адвокатите.  За време на своите студии, Шурјак бил демонстратор на Катедрата по Теорија на државата и правото и три години бил заменик-претседател на ЕЛСА – Загреб. Тој е магистер по право на ЕУ и е автор е на повеќе стручни написи од областа на правото и адвокатурата.

Како служба и дејност, адвокатурата во Хрватска е регулирана во Уставот на Република Хрватска. Примарни цели на Комората се заштита и зачувување на самостојноста и независноста на адвокатурата, грижа за организирањето и образованието на членовите на Комората, а и соработката со хрватските и меѓународните правосудни тела.

Адвокатурата во Хрватска има долга традиција. Како што велат од Хрватската адвокатска комора, првите записи во кои се споменуваат адвокатите се од средновековно потекло, како што е примерот со Винодолскиот законик од 1288 година. Во Далмација корените на адвокатската струка датираат и од времето на Римското Царство. Во континентална Хрватска, образложуваат од Комората, слободата на вршење на адвокатската професија и дејност е призната со Законот за адвокатите од 1929 година, кога се основани осум автономни адвокатски комори, од кои една била Хрватската адвокатска комора.

М.В