/ Прочитано:

1.317

Заклучоците од Форумот за човекови права посветен на човековите права на маргинализираните групи

Институтот за човекови права ги објави заклучоците од Форумот за човекови права посветен на човековите права на маргинализираните групи во Република Македонија, на кој беше промовирано видеото „Илустрирани човекови права“, кое го изработи ИЧП. На Форумот за човекови права, велат од Институтот за човекови права, секој од говорниците имаше свои искажувања, а потоа се отвори дискусија со присутните од публиката при што можеме да ги констатираме следните заклучни согледувања:

Светлана Цветковска, советник за недискриминација во Министерството за труд и социјална политика, ги презентираше измените кои се составен дел на новиот Предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација, кои овозможуваат зголемена заштита на правата на маргинализираните групи, и тоа особено следните измени: проширување на основите за дискриминација (сексуална ориентација, родов идентитет и др.), професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација и воведување на нивна стручна служба, можноста за граѓански организации да застапуваат лица пред Комисијата и сл.

Петруш Тоинес, меѓународен лидер на тимот на програмата „Цивика мобилитас“, го истакна значењето на инклузијата на сите лица, особено на припадниците на маргинализираните заедници, при што ја презентираше книгата „Инклузијата е важна, основата на заедничкиот просперитет“ („Inclusion Matters, the Foundation for Shared Prosperity“), која на многу достапен начин ja прикажува важноста за вклучувањето на припадниците на ранливите групи во сите општествени процеси.

Искра Росо, извршна директорка на Здружението на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби „СОЛЕМ“, истакна повеќе проблеми што произлегуваат од неколку закони, кои особено им го отежнуваат остварувањето на човековите права на лицата со интелектуална попреченост. Таа посочи дека и понатаму треба да се поддржуваат и да се унапредуваат сервисите за овие лица кои се развиваат во последните години, а потребна е и поголема промоција на предизвиците со кои се соочува оваа ранлива категорија. На тој начин ќе се овозможи и нивно препознавање со цел овозможување на нивните човекови права во пракса.

Петар Јорданоски, од Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, презентираше состојби во казнено-поправните установи кои се во најмала рака загрижувачки. Од искажувањето може да се заклучи дека однесувањето и третманот на лицата кои се наоѓаат во овие установи се граничи со тортура, како и со висок степен на нехумано и деградирачко однесување, а загрижувачки е и присуството на коруптивно однесување од страна на овие лица. Се јавува голем проблем и во однос на презентираната состојба дека нема акции во делот на заштитата на човековите права и поведување судски постапки од страна на лицата лишени од слобода.

Маргарита Цаца Николовска, претседателка на ИЧП и поранешна судијка на ЕСЧП и судијка и потпретседателка на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, беше модератор на настанот и по секое поединечно искажување од страна на панелистите, како и по прашањата на присутните во публиката, даваше сублимирани коментари, од кои посуштински беа следните:

(1) да се направат сите напори за да бидат усвоени во Собранието на РМ измените кои се содржани во новиот Предлог-закон за спречување и заштита од дискриминација од причина што тие се резултат на широк консултативен процес и придонес од сите засегнати страни;

(2) државата да изнајде начин за превод на книгата презентирана од страна на Петруш Тоинес со цел да се овозможи да биде достапна до припадниците на различни маргинализирани групи во вистинската смисла на зборот;

(3) да се зголеми промоцијата на потребата од надминување на пречките со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост, како и нивно правилно дефинирање (лица со интелектуална попреченост наместо лица со ретки болести и сл.) за да нема недоразбирања или пак навредливи обраќања кон нив;

(4) да се овозможат похумани услови, како и да се испитаат подетално причините за коруптивното однесување на лицата лишени од слобода, како и за нивната пасивност во однос на заштита на нивните човекови права.

Од Институтот за човекови права велат дека  ќе продолжат да ги следат состојбите во овие области и дека соодветно ќе реагираат. Воедно, истакнуваат од Институтот, на Форумот беа изложени и фотографиите  што ни пристигнаа на објавениот конкурс на тема: „Човековите права преку слика“ со цел зголемување на промоцијата и зајакнување на свеста за важноста на човековите права и нивното остварување.За таа цел присутните на Форумот има можност да ги изберат најдобрите три фотографии кои се јавно објавени.Форумот бешe дел од активностите што ги реализира ИЧП во рамките на Институционалниот грант поддржан од програмата „Цивика мобилитас“.

M.В