/ Прочитано:

1.027

Заклучоците од јавната расправа во Собранието на РМ за дискриминацијата на граничните премини

Собранието на РМ ги објави заклучоците од јавната расправа на тема: „Прашањето на ограничување на правото на слободно движење и дискриминацијата на граничните премини кон граѓаните од ромската етничка заедница“, која се одржа во Постојаната  анкетна комисија за заштита  на слободите и правата на граѓанинот. На Комисијата се донесоа следните заклучоци:

  1. Прекинување и осудување на праксата на системска дискриминација врз основа на етничката припадност и расното профилирање на Ромите на граничните премини, независно од личните предрасуди и стереотипи на овластените службени лица. Притоа расното профилирање се разбира во согласност со Општата препорака бр. 11 на Европската комисија против расизам и нетолеранција на Советот на Европа и значи „користење од страна на полицијата на основи како што се раса, боја на кожа, религија, националност или национално или етничко потекло при контрола, набљудување или истражни активности, без објективно и разумно оправдување”;
  2. Усогласување на националните политики кои се однесуваат на граничните контроли и миграциите со меѓународните стандарди, а посебно судската пракса на Европскиот суд за човекови права;
  3. Надградба на нормативата со цел уредување и дефинирање на основи кога може да се спречи излез од државата и соодветна постапка за донесување на образложена одлука во писмена форма во случај кога нема да биде дозволен излез од државата, во согласност со членот 27 став 3 од Уставот на РМ. Со ваква мерка ќе се обезбеди правна сигурност за граѓаните, предвидливост во примената на законите и гарантирање на правото на жалба против ваквата одлука;
  4. Обезбедување усогласеност на писмените правилници, протоколи и упатства кои го уредуваат работењето на припадниците на МВР и процената на ризик со меѓународните стандарди кои забрануваат расно профилирање при вршењето на полициските должности;
  5. Обезбедување на ефикасна истрага во случаи на наводна расна дискриминација и расно мотивирано противправно постапување на полицијата од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи како и јавното обвинителство;
  6. Создавање на законски предуслови за остварување на ефикасен пристап до правдата за жртвите на дискриминацијата преку добивање на бесплатна правна помош и системи за поддршка, од страна на државата;
  7. Собранието преку надлежните комисии и стручната служба активно да се вклучи во разгледување на прашањето на дискриминација на Ромите на граничните премини со организирање на надзорна расправа, формирање на Анкетна комисија и разгледување на прашањето пред Комитетот за односи меѓу заедниците;
  8. Да се измени Законот за полицијата во насока на обезбедување на задолжително носење на идентификација со име и презиме на секое овластено службено лице;
  9. Обезбедување на законски услови со кои правото на азил нема да се ограничува арбитрарно од страна на државата и да се прејудицира од страна на овластените службени лица дали некој би има статус на барател на азил или не;
  10. Од страна на Министерството за внатрешни работи преку Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди да се преземат активности за јакнење на капацитетите и компетентноста на службените лица за гранична контрола за принципот на недискриминација и расното профилирање преку едукативни содржини и работилници систематизирани во акциски план;
  11. Министерството за внатрешни работи да спроведе истражувања за расното профилирање и да се мониторираат полициските активности со цел идентификување на практиките на расното профилирање, вклучително преку собирање податоци разделени по дискриминаторски основи за релевантните полициски активности;
  12. Промена во јавниот дискурс креиран од повеќе национални медиуми кој создава искривена слика за Ромите како потенцијална опасност за укинување на безвизниот режим во државата. Во таа насока, Министерството за внатрешни работи да пристапи кон изработка и дистрибуција на информативни материјали за правата и обврските на лицата кои ги преминуваат граничните премини, документите потребни за излез, како и механизмите за заштита при повреда на правата од страна на овластените службени лица на граничните премини;
  13. Конечно, се препорачува сите надлежни органи и институции и сите други субјекти кои можат да придонесат во надминување на состојбата со расното профилирање на Ромите на граничните премини во државата да покажат иницијатива, посветеност и соработка во насока на реализација на овие препораки;
  14. Да се зголеми познавањето на судиите во РМ за правниот систем на ЕУ, различните видови прописи на ЕУ, правното дејство на овие прописи во РМ и нивната применливост во процесот на пристапување на РМ кон ЕУ.

М.В