/ Прочитано:

1.513

Законот за антидискриминација се соочува со опструкции во Собранието, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на континуираното одложување на усвојувањето на поднесениот Предлог на Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Предлог-законот беше доставен до Собранието на Република Македонија уште во мај оваа година од страна на Министерството за труд и социјална политика, а оттогаш се изминати шест месеци. Спротивно на сите меѓународни препораки и ветувања од страна на Владата и парламентарното мнозинство дека законот ќе биде донесен до крајот на 2018 година, надлежната Комисија за труд и социјална политика при Собранието на Република Македонија досега воопшто не го разгледала.

„На последната седница на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на РМ, пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ достави предлог овој закон да биде ставен како прва точка на дневен ред и да се отвори дебата по ова законско решение. Против предлогот за ставање на законот како прва точка на дневен ред на седницата на Комисијата негативно се изјасниле пратениците од политичката партија ВМРО, еден пратеник од партијата ДУИ и пратеник од партијата ПЦЕР. На седницата на Комисијата меѓу другото, членовите развиле расправа за спротивноста на предметниот закон со религијата, што само по себе претставува скандал, имајќи предвид дека Република Македонија е секуларна држава. Сепак крајниот исход од расправата е вклучување на законот на дневен ред, но како четврта точка што повторно значи пролонгирање на постапката за донесување на законот. На оваа одлука на Комисијата и претходеше повеќекратно избегнување законот да биде ставен на дневен ред од страна на претседателот на Комисијата.

Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека Закон за спречување и заштита од дискриминација цели кон обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи и ќе обезбеди унапредување на постоечката антидискриминаторска легислатива. Со предложениот закон се врши измена во основите за дискриминација со нивно проширување, се предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација и како новина се предвидува и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес – actio popularis. На истиот му претходеше долготраен процес на изготвување во кој беа вклучени претставници на сите релевантни институции и граѓански организации и како резултат на тоа изготвено беше законско решение кое е усогласено со правото на Европската Унија и кое ги почитува меѓународните стандарди од оваа област.

Мрежата исто така потсетува дека препораките за усвојување на овој закон и усогласување на останатата законска регулатива се дел од извештајот на Европската Комисија и истиот позитивно беше оценет и од Венецијанската комисија на Советот на Европа. Дополнително, една од забелешките на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација против жените (CEDAW Комитетот) во последните заклучни согледувања и препораки за државата, се однесува на бавниот процес на донесување на Законот.

Со континуираното одложување на разгледувањето и усвојувањето на законот, се одложува унапредувањето на заштитата која им се дава на граѓаните во случаите на дискриминација. Со сведување на расправата за тоа дали законот ќе се стави на дневен ред на разгледување од страна на Комисијата и употребување на аргументот дека законот е спротивен со религиските убедувања се покажува несериозност од страна на пратениците и недостаток од волја да се донесе закон кој најопфатно ќе обезбеди превенција и заштита од дискриминација. Континуираното опструирање на процесот на разгледување јавува сомнеж за мотивот за ваквите опструкции, имајќи го предвид последното мислење на актуелната Комисија за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација кон Никола Груевски, со што Комисијата повторно покажа селективно и непрофесионално работење“, се вели во соопштението на Мрежата за заштита од дискриминација.

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во собраниска процедура

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација презентиран во МТСП

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација прифатен во владина процедура

Објавен текстот на Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

Во подготовка Законот за спречување и заштита од дискриминација чиј текст ќе биде усогласен со меѓународните стандарди

Јавна дебата за новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација

М.В