/ Прочитано:

895

Законот за минимална плата во фокусот на трипартитната работилница во организација на МОТ

Студијата „Влијанијата од зголемувањето на минималната плата во Македонија во 2017“, како и Глобалниот извештај за платите (2018 – 2019) и Глобалниот извештај за грижата за други лица како работа и соодветните работни места беа тема на трипартитната работилница на која учествуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика и претставници на социјалните партнери Организацијата на работодавачи на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на РМ и Сојузот на синдикати на Македонија.

„На работилницата организирана од Меѓународната организација на трудот фокусот беше ставен на коментарите за усогласеноста на Законот за минимална плата со Конвенцијата за одредување на минимална плата на Меѓународната организација на трудот, но и на влијанието на минималната плата во 2017 година врз економијата, пазарот на труд и потрошувачката во Република Македонија.

Меѓу другото, на работилницата беа предадени и официјалните коментари на Комитетот на експерти за примена на конвенции и препораки на МОТ, во врска со примената на Конвенцијата за одредување на минимална плата на МОТ бр. 131 во Република Македонија.

Во коментарите посебно се истакнува усогласеноста на Законот за минимална плата во Република Македонија со Конвенцијата бр. 131, имајќи ги предвид измените и дополнувањата на Законот кои беа усвоени и донесени во 2017 година, а кои се однесуваат на критериумите за годишното усогласување на минималната плата и мислењето од Економско-социјалниот совет“, информираат од МТСП.

М.В