/ Прочитано:

1.244

Законот за спречување и заштита од дискриминација доставен до Венецијанската комисија

Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е доставен до Венецијанската комисија, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешната средба со Нилс Мужниекс, комесар за човекови права на Советот на Европа.

Суштинските промени во Законот за спречување и заштита од дискриминација, беше нагласено на денешната средба, ќе се случат со професионализација на Kомисијата. Во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе бидат вклучени лица со долгогодишно искуство на полето на човековите права и со тоа ќе биде независна во одлучувањето и поефикасна во својата работа.

На денешната средба посебен акцент беше ставен на проблемот со вклучување голем број ромски деца во специјални училишта, иако не се лица со попреченост. Заедно со Ромскиот образовен форум се спроведуваат активности за нивно вклучување во редовниот образовен процес. Исто така, беше посочено дека МТСП креира мерки за вклучување на пазарот на труд и достапно образование, како клучни сегменти кои овозможуваат вистинска инклузија на Ромите во општеството.

Во однос на лицата без документи, од кои најголем дел се Роми, беше укажано дека Владата интензивно работи на конечно решавање на овој долгогодишен проблем и во таа насока се подготвуваат и неопходните законски измени.

Комесарот Мужниекс беше информиран и за процесот на деинституционализација, односно трансформацијата на големите институции за згрижување лица, со оглед на тоа што во дел од овие институции години наназад се констатира кршење на човековите права.

Соодветната стратегија ќе биде усвоена наскоро, а паралелно се работи на промена во функционирањето на дневните центри за лица со попреченост, обезбедување локации за мали групни домови, како и развивање на систем на услуги на локално ниво во соработка со општините.