/ Прочитано:

2.813

Законот за стечајците пред пратениците

Владата на РМ го достави предлог-закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата или во јавноста попознат како законот за стечајците.

Со новиот закон, се вели во законското образложение, се овозможува материјално обезбедување поголем број лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок во периодот 1995-2016 година, со  подобрување на условите за остварување на правото на паричен надоместок.

Со  Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата,  се уредени условите за стекнување и користење на правото на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица, на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 31 декември 2013 година и притоа се опфатени лицата кои оствариле право на паричен надоместок по 7 април 2000 година, во претпријатија со доминантна сопственост на државата.

„Со ваквото законско решение не се опфатени лицата на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок пред 7 април 2000 година, како и лицата кои по истиот основ оствариле право на паричен надоместок по 2013 година. Со предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата се менува опфатот на лицата на кои им престанал работниот однос во периодот од 1995-2016 година и се менуваат условите, кои суштински се разликуваат од условите што беа утврдени во истоимениот закон од 2008 и 2014 година,  со што во целост се менува концептот од овој закон. Исто така, одредбите од членовите 6 и 8 од постојниот Закон си ја завршиле својата функција и како такви defacto немаат правна сила.Бидејќи со измените на концептот се менуваат 2/3 од содржината на постојниот закон, се пристапи кон донесување нов закон“, се вели во законското образложение.

М.В