/ Прочитано:

1.385

Законот за употреба на јазиците донесен без расправа за амандманите од опозицијата

На денешната 32. седница Собранието на РМ со 64 гласа  „за“ го донесе Законот за употреба на јазиците. Законот за употреба за јазиците беше донесен без амандманска расправа и во тензична атмосфера. Пратениците од опозицијата се спротивставија на донесувањето на Законот и се обидоа да го спречат гласањето. Реагираше и собраниското обезбедување. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека нема да дозволи да се повторат 24 декември и 27 април во Собранието.

Во врска со прашањето зошто не била отворена расправа за амандманите, Џафери се повика на членот 164 ставот 2 од Деловникот на Собранието, посочувајќи дека во трето читање може да се достават амандмани само за делови на законот за кои во второ читање амандмански се интервенирало.

„Членот 173 ставот 3 точно утврдува можност да се поднесат амандмани, но членот 172 од Деловникот упатува дека откако нема да биде потпишан указот од претседателот, законот се враќа во собраниска процедура во трето читање. Членот 164 став 2 од Деловникот децидно зборува за фактот дека во трето читање може да се достават амандмани само по делови кои во второ читање биле измените или дополнети со амандмани. Имајќи предвид дека законот во второ читање не претрпе никаква измена и претседателот на Собранието се впушти да го спроведе членот 164 ставот 2“, рече Џафери, кој посочи и дека за уставноста на Законот единствено надлежен е Уставниот суд.

На почетокот на оваа година Собранието на РМ со 69 гласа „за“ го изгласа Законот за употреба на јазиците, за кој подоцна претседателот на РМ стави вето и достави укажувања. Во Законот за Собранието на Република Македонија се пропишува дека по повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Претседателот Иванов во укажувањата посочи дека законското решение е спорно и има противуставни одредби и ги повика пратениците внимателно да ги разгледаат неговите забелешки. Врз основа на укажувањата на Иванов пратениците од опозицијата поднесоа рекорден број амандмани кои не беа дискутирани на денешната седница.

Во образложението на Законот за употреба на јазиците се вели дека основната цел за донесување на Законот е доследно преточување на уставните амандмани во законски текстови во однос на употребата и примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Постапката по непотпишување на указот и укажувањата на претседателот на РМ во врска со Законот за употреба на јазиците

Уставните и законските одредби за прогласувањето на законите и потпишувањето и објавувањето на актите

Што предвидува Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на Република Македонија

М.В