/ Прочитано:

1.585

Законот за употреба на јазиците, за кој се поднесени рекорден број амандмани, повторно пред пратениците

Законот за употреба на јазиците е на дневен ред на денешната собраниска седница. Ова, како што посочуваат од Собранието, е трето читање на Законот откако претседателот Иванов стави вето и достави укажувања до пратениците во кои ги образложува причините за ветото, но и дава конкретни укажувања за неусогласеноста на законскиот текст со Уставот.

Според Уставот на РМ, претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, доколку смета дека не е во согласност со Уставот или е во спротивност со потврдените меѓународни договори, и да го врати на повторно разгледување во Собранието. Доколку притоа Собранието го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Во Законот за Собранието на Република Македонија, пак, се пропишува дека  ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката.

Во писмото со укажувањата Иванов нагласува дека за овој закон е потребно да се отвори широка дебата, со учество на стручни луѓе од областа за да се дојде до законско решение кое нема да биде спорно. Укажувањата на претседателот на РМ може да се погледнат на следниот линк.

Рекорден број од над 32.000 амандмани во врска со решенијата во законскиот текст и укажувањата на претседателот поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Како што информираше претседателот на Собранието, за архивирање, за обработување и за ставање на амандманите во е-системот на Собранието викендот беа ангажирани околу 120 вработени во собраниските служби. Како што се проценува, за да се разгледаат сите поднесени амандмани, на Собранието ќе му бидат потребни месеци.

Според најавите, пред собраниската седница треба да се одржи и редовната понеделничка координативна средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со координаторите на пратеничките групи, од која се очекува да произлезе договор како ќе се одвива седницата, имајќи го предвид бројот на поднесените амандмани, но и фактот што во Собранието првпат се применува ставот 3 од членот 173 на Деловникот и директно на пленарна седница ќе се гласа за амандмани произлезени од укажувања на претседателот на државата.

Постапката по непотпишување на указот и укажувањата на претседателот на РМ во врска со Законот за употреба на јазиците

ИВАНОВ: Донесов одлука да не го потпишам указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците

ВЛАДА НА РМ: Сите одредби во Законот за употреба на јазиците се во согласност со амандманот 5 од Уставот

Уставните и законските одредби за прогласувањето на законите и потпишувањето и објавувањето на актите

Што предвидува Законот за употреба на јазиците донесен од Собранието на Република Македонија

М.В