/Прочитано:

3.665

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Барањата за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост ќе може да се поднесуваат до крајот на 2021 година

Владата на РМ во Собранието предложи измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост. Предложените законски решенија се во насока физичките и правните лица корисници на градежно земјиште кои не поднеле барање за приватизација на градежно земјиште до 15 декември 2014 година да можат да поднесат барање за приватизација  до 31 декември 2021 година.

Со постојниот Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост корисниците на градежно земјиште (физички и правни лица) имаа можност да поднесат барање за приватизација на градежното земјиште до 15.12.2014 година.

Воедно, беа предвидени рокови за Агенцијата за катастар на недвижности да изврши прибележување на поднесените барања за приватизација, a потоа и бришење на  запишаното право на користење на целокупното  градежно земјиште на кое е сопственик Република Македонија, а на коешто било запишано право на користење.

„Меѓутоа, и покрај тоа што рокот за поднесување на барања за приватизација беше повеќепати продолжуван, голем дел од физичките и правните лица корисници на градежно земјиште до предвидениот рок (15.12.2014 година) немаат поднесено барање за приватизација на градежното земјиште, односно го пропуштиле рокот  во кој можеле да поднесат барање и да стекнат право на сопственост на градежното земјиште и на тој начин слободно да располагаат со сопственоста, да ја отуѓуваат, да ја наследуваат, да ја подаруваат и  да  го остваруваат правото на градење. Од тие причини се предлага нов рок за поднесување на барања за приватизација на градежно земјиште, односно рокот за поднесување на барања да биде до 31 декември 2021 година.

Со овој предлог-закон се предлага и продолжување на роковите за прибележување на поднесените барања  за приватизација,  на роковите за бришење на корисничките права и  на роковите за поднесување  на пријавите за промена на правото на користење пред Агенцијата за катастар на недвижности.

Исто така, со овој предлог-закон се предлага дополнување и допрецизирање на одредени  одредби  кои се  однесуваат на начинот и постапката за приватизација на градежното земјиште“, се вели во законското образложение.

М.В