/ Прочитано:

8.460

Предлог на закон за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Бришење на казната со која на даночните обврзници, покрај плаќањето на глобата, им беа затворени и деловните простории

Група пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието на РМ предложи измени на Законот за изменување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, по скратена постапка.

Со новото предлог-законско решение се бара да му се овозможи на даночниот обврзник кај кого е констатирана незаконитост да нема забрана за вршење на дејност во деловната просторија во траење од 15 дена за даночен обврзник правно лице и 15 дена за даночен обврзник физичко лице затоа што во другите членови од овој закон се пропишани обврски за плаќање на глоба.

Имено, во постојното решение се предвидува дека доколку при вршењето на контролата даночниот инспектор или даночниот контролор утврди дека даночниот обврзник не го регистрира прометот преку фискален апарат, не издава фискална сметка на купувачите, односно на корисниците на услугата или нема инсталирано GPRS-терминал и крипто модул, составува записник во кој ја внесува констатираната незаконитост.

Врз основа на констатираната незаконитост, Управата за јавни приходи донесува времено решение со кое на даночниот обврзник ќе му забрани вршење дејност во деловната просторија во траење од 15 дена за даночен обврзник правно лице и 15 дена за даночен обврзник физичко лице.

Со членот 1 во предложените измени, се објаснува во предложеното законско решение, се врши измена во членот 20-а од постојниот закон, а се однесува на бришење на казната со која на даночните обврзници, покрај плаќањето на глобата, им беа затворени и деловните простории. Сметаме, додаваат пратениците, дека тоа не придонесува ниту за економски развој ниту за тоа да може даночниот обврзник, без да ја извршува дејноста, да плати казна и други давачки кон државата.

M.В