/ Прочитано:

2.884

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: И уставен судија и судија на меѓународен суд да може да бидат директори на Академијата за судии и јавни обвинители

Министерството за правда ги објави измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Со законските измени се предвидува спроведување на избор на органите на управување на Академијата во согласност со предложените законски услови, но и проширување на  кругот на судии и јавни обвинители кои можат да конкурираат на јавниот оглас за директор.

Во ставот 5 на членот 20 од актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители се вели дека за директор, односно заменик на директор се именува лице кое има најмалку осум години работен стаж како судија или јавен обвинител, со високи професионални и стручни особини и резултати во работењето, кое има положено испит за директор во согласност со одредбите од овој закон и кое активно познава еден од јазиците на Европската Унија.

Во предложените законски измени со кои се менува ставот 5 од членот 20 се пропишува дека за директор, односно заменик на директор се именува лице со најмалку осум години работен стаж како судија во судовите во Република Македонија, како судија на Уставниот суд на Република Македонија, како судија на меѓународен суд или лице со најмалку осум години работен стаж како јавен обвинител.

 „Со законските измени се овозможува да се прошири кругот на судии и јавни обвинители кои можат да конкурираат на јавниот оглас за директор, односно се предвидува можност за судиите со најмалку осум години работен стаж како судија во судовите во Република Македонија, како судија на Уставниот суд на Република Македонија, како судија на меѓународен суд или со најмалку осум години работен стаж како јавен обвинител, со високи професионални и стручни особини и резултати“, се вели во законското образложение.

Лицето кандидат за директор, односно заменик на директор, покрај високите професионални и стручни особини и резултати во работењето, треба  активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија.

Исто така, се пропишува лицето кандидат за директор да не е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци додека траат правните последици на осудата; со правосилна судска пресуда да не му е изречена  забрана за вршење на правна професија за кривично дело поврзано со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција додека траат правните последици на осудата и со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност додека траат правните последици на осудата.

Законските измени се однесуваат и на Управниот одбор како орган на управување на Академијата, кој го сочинуваат 9 члена. За разлика од одредбите за именување на директор, во одредбите за Управниот одбор се вели дека четири члена и нивни заменици во Управниот одбор предлага Судскиот совет на Република Македонија, и тоа по еден член од редовите на судиите од Врховниот суд на Република Македонија, од апелационите судови, од основните судови, како и еден член од Управниот суд или од Вишиот управен суд.

Исто така, четири члена и нивни заменици во Управниот одбор предлага Советот на јавни обвинители на Република Македонија, и тоа по еден член од редовите на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, од вишите јавни обвинителства, од основните јавни обвинителства и од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

За член или заменик-член на Управниот одбор од редот на судиите и јавните обвинители можат да бидат назначени судии и јавни обвинители со најмалку пет години работен стаж како судија, односно како јавен обвинител. Министерот за правда назначува еден член и негов заменик со најмалку пет години работен стаж како раководен административен службеник во Министерството за правда.

Со предложените измени се укинува полагањето на испитот предвиден да го полагаат директорот, членовите на Управниот одбор и членовите на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители.

„Предлагачот на овој закон пристапи кон бришење на овие одредби по утврдувањето на состојбата дека овие одредби не можеле да се спроведат и да се применат во постојниот систем во изминатиот период од три години. Со ова биле доведени во прашање легитимноста и функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители, како и примената на постојниот закон“, се вели во законското образложение.

Дестимулирачкото влијание на предвидената комплицирана постапка и полагањето на електронски испит за директор, за членови на Управниот одбор и за членови на Програмскиот совет преставуваа најголеми пречки за примена на постојното законско решение“, се додава во образложението.

Со измените, исто така, се изедначува условот од потребни пет години работно искуство за предавачите на Академијата, а  условот за познавање на странски јазикот се брише. Условот се брише, се вели во образложението, од причина што обуките се одржуваат на македонски јазик, а голем дел од искусните предавачи и практичари не се пријавувале токму од причина што не го познавале јазикот.

Со предложените законски измени се предвидува спроведување на избор на органите на управување на Академијата во согласност со предложените законски услови, најдоцна до истекот на три месеци по влегувањето во сила на овој закон.

Директорот кој е именуван во периодот од денот на влегувањето во сила на овој закон до 1 септември 2018 година е должен да го исполни условот за познавање на странски јазик најдоцна во рок од една година од денот на неговото именување,  а доколку не го исполни условот за познавање на странски јазик во утврдениот рок тогаш му престанува мандатот по сила на закон.

Се подготвуваат измени на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители во врска со изборот на органите на Академијата

М.В