/ Прочитано:

6.539

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Придонесите за задолжително пензиско, инвалидско и здравствено осигурување ќе се плаќаат по повисоки стапки

Владата на РМ ги поднесе измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување  во Собранието на РМ. Се предлага измените да се носат по скратена постапка, а една од целите за нивното донесување е зголемување на висината на стапките по кои се плаќаат придонесите од задолжително пензиско и инвалидско осигурување и задолжително здравствено осигурување поради обезбедување на постабилни приходи на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Според постојните законски одредби, придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се плаќа по стапка од 18%, а придонесот за задолжително здравствено осигурување по стапка од 7,3%.

„Во насока на обезбедување на постабилни приходи на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, потребно е да се изврши зголемување на висината на стапките по кои се плаќаат придонесите за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и задолжително здравствено осигурување“, се вели во законското образложение.

Во законските измени се пропишува придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување да се плаќа по стапка од 18,8%, а придонесот за задолжително здравствено осигурување по стапка од 7,5%. Според законското образложение, овие придонеси ќе се плаќаат по овие стапки од 2020 година, но стапките по кои ќе се пресметуваат и ќе се плаќаат придонесите во 2019 година се 18,4%  за задолжително пензиско и инвалидско осигурување и 7,4% за задолжително здравствено осигурување. Целосниот текст на предложените одредби за придонесите може да се преземе на следниот линк.

Во законското образложение понатаму се вели дека измените и дополнувањето на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување произлегуваат и од потребата за усогласување на одредбите од овој закон со Законот за заштита на децата со цел децата со пречки во развојот и со специфични потреби, за кои се користи правото на посебен додаток, во согласност со Законот за заштита на децата да можат да го остварат правото на здравствено осигурување, како и за усогласување со одредбите од Законот за практикантство, кои уредуваат дека работодавачот има обврска да плати придонес врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување за практикантите, односно за лицата кои се на практикантска работа кај него.

Исто така, заради практично спроведување на одредбите од Законот за трговија на зелени пазари потребно е во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување да се уредат прашањата поврзани со вклучувањето во системот на задолжително социјално осигурување на лицата регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишани во регистарот на Комората на трговци на Македонија.

Постојните одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување овозможуваат прием во осигурување на сите лица кои немаат основ за здравствено осигурување, а врз основа на критериумите утврдени во членовите 10-а и 10-б од Законот.

За лицата кои претходната година оствариле приход кој не е поголем од годишниот нето-износ на минималната плата за претходната година, придонесот за задолжително здравствено осигурување го пресметува и го уплатува Министерството за здравство, а за лицата со повисок приход од споменатиот, придонесот за задолжително здравствено осигурување го пресметува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, додека обврзници за уплата на придонесот се лицата сами за себе.

Основицата на која се пресметува и се плаќа придонесот за втората категорија на лица е 50% од просечно исплатената плата по работник објавена во јануари според податоците од Државниот завод за статистика, доколку во претходната година оствариле приход поголем од годишниот нето-износ на минималната плата, но не и поголем од годишниот износ на минималната основица за пресметка и плаќање на придонесите која во 2018 година изнесува 204.480 денари.

За лицата кои во претходната година оствариле приход поголем од годишниот износ на минималната основица за пресметка и плаќање на придонесите, основица за пресметување и плаќање на придонесот е просечната плата објавена во јануари, според податоците од Државниот завод за статистика, односно тие лица во текот на оваа година за придонес од задолжително здравствено осигурување плаќаат по 2.488 денари.

„Од причина што во пракса постојат лица кои во претходната година оствариле приход поголем од 204.480 денари, но во тековната година останале без работа или пак остваруваат мали приходи се утврди потребата од измени на законските одредби во насока на олеснување на нивниот пристап во здравственото осигурување и користење на правото на здравствена заштита“, се посочува во законското образложение.

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

М.В