/ Прочитано:

4.878

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Седиштето на Правниот факултет при УКЛО да биде во Битола

Пратеници во Собранието на РМ предложија измени на Законот за основање на Технолошко-технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, по скратена постапка. Со предложените законски решенија се врши промената на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола.

„Во моментов на Правниот факултет – Кичево (со дисперзирани студии во Битола и во Струга) постои значителна диспропорција на бројот на студенти кои студираат на дисперзираните студии во Битола, наспроти бројот на студенти запишани во седиштето во Кичево, соодносот е речиси 5 (пет) спрема 1 (еден) во корист на дисперзираните студии во Битола“, се вели во законското образложение.

Ваквата состојба, се додава понатаму во образложението,  сериозно го загрозува опстојувањето на Факултетот, и со тоа генерира мноштво проблеми кои директно ја загрозуваат неговата елементарна одржливост во согласност со членот 27 од Законот за високото образование и одредбите од Уредбата за нормативи и стандарди.

„Од досегашната практика, земајќи ги предвид бројот на запишани и активни студенти, ангажираниот или вработен наставно-научен и соработнички кадар, како и оперативната активност на Факултетот во делот на организирање на наставно-научни и научно-истражувачки активности, може да се заклучи дека дисперзираните студии во Битола природно се наметнуваат како гравитационен центар на Факултетот“, се вели во законското образложение.

За разлика од состојбите во седиштето на Факултетот во Кичево, каде што постои евидентен и континуиран негативен тренд за упис на нови студенти, интересот за студирање на дисперзираните студии во Битола слободно може да се оцени како позитивен, со континуиран висок интерес, земајќи го предвид трендот на запишување на студенти како на прв така и на втор и трет циклус на студии. Дотолку повеќе, кон тоа придонесуваат и можностите што ги нуди градот Битола за студентите (сместувачки капацитети за студентите кои доаѓаат од други места на живеење, универзитетска библиотека, спортски сали, театар и кино и сл.), традицијата на Битола во делот на правото (претходното постоење на Правен факултет во Битола од 1970 до 1987 година) и адвокатурата (огромен број на еминентни адвокатски имиња кои потекнуваат од Битола или својата дејност ја извршувале во Битола), како и кадровскиот потенцијал на Битола во делот на правната наука и другите сродни научни дисциплини.

Од аспект на институционалните можности, се додава во образложението, кои Факултетот треба да им ги стави на располагање на своите студенти, многу е важно да се нагласи дека во Битола постои Основен суд и Апелационен суд, Основно и Вишо јавно обвинителство, Канцеларија на народниот правобранител, 7 регистрирани извршители, 13 нотари, 2 медијатори и 146 регистрирани адвокати, како и голем број на други јавни институции, приватни компании, регионални комори и заедници, и невладини организации, што несомнено отвора големи можности за воспоставување и интензивирање на различни форми на соработка со Факултетот, а со тоа и отворање на можности за стипендирање и поддршка на студентите во текот на студиите, можности за реализација на практична настава, волонтирање и стажирање, но и поголеми можности за нивно вработување по завршувањето на студиите.

Тоа укажува дека промената на седиштето на Правниот факултет од Кичево во Битола позитивно ќе се рефлектира врз студентското организирање на Факултетот (кое во моментов е целосно дисфункционално), можностите за зголемување на нивните активности за време на студиите, но и по дипломирањето, како и јакнење на капацитетите на Факултетот за иницирање и унапредување на регионалната и меѓународна соработка, и оптимално искористување на придобивките од меѓународните програми: Еразмус+; ЦЕЕПУС, ТЕМПУС и др.

М.В