/ Прочитано:

1.578

Законски измени за поголема заштита на корисниците на осигурителни полиси

Осигурителните компании ќе бидат обврзани, во рок од 5 дена, да ги објават на својата веб-страница сите измени кои ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување. Ова се дел од измените и дополнувањата што ги направи Министерството за финансии во Законот за супервизија на осигурување со цел заштита на правата на потрошувачите, како и подобра информираност и поголема транспарентност.

„Во насока на обезбедување на целосно ликвидни средства за непречено сервисирање на обврските на друштвата за осигурување, предложено е дополнување на законот. Во согласност со предложената одредба, акционерскиот капитал на друштвото за осигурување мора да биде само во паричен облик и да биде уплатено во целост. Од особена важност за осигурителната фела, поточно актуарската професија, е предложената измена во законот со која се предвидува нов концепт за полагање на испитот за актуар. Досегашниот електронски начин на полагање се покажа како неприменлив во пракса, поради што и подолг период не се одржал испит за актуари. Со измената на законот, повторно се отвора оваа можност за професионалците од осигурителната фела“, образложуваат од Министерството за финансии.

Измените и дополнувањата на законот, кои беа најавени кон крајот на месец јуни годинава, се влезени во собраниска процедура. Целта на донесувањето на Предлог-законот, посочуваат од Владата која е предлагач на Предлог-законот, е зајакнување на критериумите за соодветност на акционерите и членовите на органите на осигурителните друштва, воспоставување на функционален концепт за спроведување на испитот за стекнување на звањето актуар и прецизирање на случаите во кои Агенцијата за супервизија на осигурување може да преземе конкретни мерки.

Законот чие донесување се предлага се заснова врз истите начела врз кои се заснова Законот за супервизија на осигурувањето.

Основните решенија кои се предлагаат се следните:

– утврдување на единствени, унифицирани критериуми за акционери со квалификувано учество и членови на органи на друштвото за осигурување;

– спроведување на испитот за стекнување на звањето актуар од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување и

– прецизирање на случаите во кои Агенцијата за супервизија на осигурување може да презема конкретни мерки спрема друштвото.

Врз основа на одредбите од овој Закон произлегува потребата за донесување на следните подзаконски акти:

– Правилник за начинот на спроведување на стручниот испит потребен за работа како овластен актуар;

–  Правилник за бројот и тежината на прашањата од првиот дел од стручниот испит за вршење на осигурителни брокерски работи и стручниот испит за вршење на работи на застапување во осигурувањето и

– Програма за стручен испит за актуар.

Измените на Законот за супервизија на осигурувањето во собраниска процедура

Се подготвуваат измени на Законот за супервизија на осигурување

М.В