/ Прочитано:

1.785

Законски измени за спречување на злоупотребата на АКМИС

Министерството за правда подготвува измени на Законот за управување со движењето на предметите во судовите. Целта на Законот е да се надминат можностите за злоупотреба на системот на електронско распределување на предметите преку формирање тело за евалуација на употребата на АКМИС.

„Во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во точката 2.1.5-1 е предвидена мерка за донесување Закон за изменување и дополнување на Законот за управување со движењето на предметите во судовите заради надминување на можностите за можни злоупотреби на АКМИС“, посочуваат од Министерството за правда.

Со Законот за управување со движењето на предметите во судовите се уредуваат прашањата во врска со управувањето со движењето на предметите во судовите во Република Македонија.

Целите на Законот се: управување со движењето на предметите во судовите во Република Македонија преку користење на автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети; почитување на законските рокови за преземање на процесните дејствија, на законските рокови за донесување, изготвување и објавување на судските одлуки и на роковите определени со овој закон,  спречување на застој во движењето на судските предмети и спречување на создавање на заостаток на нерешени судски предмети.

Во врска со автоматизираното управување со судските предмети во Законот се пропишува дека Управувањето со движењето на предметите во судовите претставува преземање на дејствија од страна на претседателот на судот, судскиот администратор, судиите и судските службеници, од денот на приемот на писмената во судот до денот на архивирање на предметите.

Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети задолжително се користи при управувањето со движењето на предметите во судовите.

Во извештајот кој се однесува на  извршениот увид во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите, објавен од страна на Министерството за правда, се заклучува дека судовите не ги применуваат доследно одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите и Судскиот деловник, АКМИС не се користи целосно во согласност со неговата намена, се злоупотребуваат одредбите од законските прописи за чести измени на годишните распореди во судовите и не се почитуваат одредбите за специјализација на судии по области.

Во месец декември минатата година во Министерството за правда беа презентирани наодите констатирани од увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите. На прес-конференцијата беше истакнато дека се констатирани бројни неправилности во АКМИС-системот.

Извештајот за АКМИС-системот достапен за јавноста: Нотирани се бројни неправилности

Отворена предистражна постапка за АКМИС-системот

Констатирани бројни неправилности во АКМИС-системот

М.В