/ Прочитано:

1.620

Законски измени за зголемување на посебниот додаток за лица со посебни потреби 

Владата ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата. Со измените е предвидено зголемување на посебниот додаток за дете со специфични потреби коешто има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години. Освен зголемувањето на сумата за посебен додаток, овие лица ќе бидат и здравствено осигурени, ако не се осигурени во согласност со Закон.

Предложените измени и дополнувања на Законот за заштита на децата ги содржат следните решенија:

Износот на утврдената висина на правото на посебен додаток со Законот за заштита на децата се зголемува од 4.202 денари  на 5.021 денари. Исто така, самохраните родители коишто  имаат дете со специфични потреби со пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години наместо досегашните 6.303 денари  ќе добиваат сума од 7.351 денар. За материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална помош и постојана парична помош, а коишто имаат дете со специфична потреба до 26 години  додатокот се зголемува од 5.252,50 денари  на 6.276 денари.

Овие измени се само дел од стратегијата на Министерството за труд и социјална политика за подобрување на финансиската состојба и условите за живот на најранливите групи на граѓани.

М.В