/ Прочитано:

1.715

Законски предлози за намалување на надоместокот за патните трошоци на пратениците

Пратеничката група на СДСМ и здружената коалиција денеска до Собранието доставиja предлози за законски измени на Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани функционери и на Законот за пратениците, со кои се предлага намалување на висината на надоместокот за патни трошоци за користење на сопствено возило во службени цели, што го добиваат пратениците и другите избрани и именувани функционери, како и отстранување на сите можности за евентуални злоупотреби.

Интенцијата е овој надоместок што го добиваат пратениците да се намали за половина, односно неговата висина од 30 проценти да се намали на 15 проценти од цената на литар гориво по изминат километар.

За таа цел веќе има подготвено и Предлог-одлука со која поконкретно се регулира исплатата на надоместокот на патни трошоци, во која се предлага висината на надоместокот да се намали од 30 на 15 проценти.

„Во однос на отстранувањето на можностите за злоупотреби при исплатата на патните трошоци, предлагаме наплатата да се врши само врз основа на фискални сметки за платена патарина, кои се платени со кредитна или дебитна картичка во сопственост на пратеникот, односно преку т.н. слипови кои ќе бидат доказ дека пратеникот лично платил патарина. Овие измени, исто така, се наведени во Предлог-одлуката која веќе е подготвена и која ќе ја поднесеме до Комисијата за избори и именувања, веднаш по усвојувањето на законските измени и дополнувања.

За оваа иницијатива, за законските измени што ги предлагаме, на 1 декември преку писмен допис го информирав претседателот на Собранието, Талат Џафери. Очекувавме дека ќе успееме заеднички, преку консултација со сите засегнати пратенички групи, да изградиме консензус за ова прашање. Во тој контекст беше и периодот од еден месец за да има време претседателот Џафери, онака како што најави, да даде предлог до парламентарниот институт да ги испита можностите на нашите доставени предлози, односно за консултации со другите пратенички групи, пред нашата пратеничка група да ги предложи законските измени. За жал, досега и јас како координатор и ние како пратеничка група немаме добиено мислење од никого во однос на предложената иницијатива“, истакна денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Тој очекува дека овие предлози ќе имаат поддршка од сите пратенички групи во Собранието и дека заеднички ќе се усвојат.  Предлозите што како пратеничка група ги доставуваме, резимираше Тунтев, можеме да ги третираме и како краткорочно решение. Ние како пратеничка група сме отворени за понатамошни анализи, за дискусии и за предлози кои ќе значат долгорочно решавање на ова прашање.

М.В