/ Прочитано:

825

Законските измени и колективниот договор во фокусот на годишната конференција на УПОЗ

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија денеска одржа годишна конференција со претседателите на синдикалните организации.

На денешниот настан се обратија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерката за правда, Рената Дескоска, и заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Министерот Манчевски се осврна на заложбите за изготвување на грански колективен договор, на кој во моментов работат работните групи на УПОЗ и на МИОА, МТСП, МФ и МП.

„Работните групи ги утврдија деновите на платено отсуство поради лични и семејни околности, и тоа до седум работни дена во годината, и правото на неплатено отсуство. Во институциите каде што има синдикална организација на претставникот ќе му биде овозможено да биде дел од функционалната анализа на самата институција. Се утврди надоместокот на трошок поврзан со работата. Целиот колективен договор е прегледан и сите одредби кои се веќе дел од Законот за административни службеници и од Законот за работни односи останаа исти како во постојните закони. Тоа што е особено значајно е што за првпат ќе се утврдуваат: нивото и бодовите за плата за помошно-техничкиот персонал, преминувањето од едно на друго ниво, ќе се дефинираат  правата и обврските за време на штрајк, како и дисциплинските постапки“, информираше министерот Манчевски.

Тој се осврна и на активностите што ги презема МИОА во моментов, а кои се во правец на професионализација и департизација на јавната администрација. Во тек е изработка на нов Закон за висока раководна служба, со што се прави јасна разлика помеѓу политичките и професионалните позиции, а се воведуваат и јасни критериуми за избор на раководната служба.

Министерката Дескоска истакна дека наследила отворени прашања, но потенцираше дека Владата е отворена за социјален дијалог со синдикатите и со сите оние кои се за подобрување на правата на вработените.

„Паралелно со дијалогот за колективен договор имаме и законодавни процеси кои се одвиваат. Во делот на измената на Законот за судска служба, разговаравме со претставниците на УПОЗ и со Здружението на судската администрација за одредени можни решенија“, рече министерката Дескоска.

Во врска со вработените во казнено-поправните установи, за кои стана збор, Дескоска информираше дека Законот за извршување на санкции во моментот е објавен во ЕНЕР, а дека на процесот му претходел дијалог со синдикатите.

Министерката за правда истакна дека се разгледуваат можностите за зголемување на платите во рамките на правосудството и се очекува позитивна одлука во Владата во однос на овие прашања.

„Буџетот за судството за следната година ќе биде поголем од оваа година. Се надевам дека заеднички ќе овозможиме реализација на овие средства“, додаде министерката.

Претседателот на УПОЗ ги поздрави активностите на Владата кои се во рамки на нивните барања со цел подобрување на условите и правата на вработените во јавната администрација. Како што посочи тој, Владата покажува подготвеност за отворен социјален дијалог и резултатите за тоа се видливи во изминатата година и половина. Тој додаде дека остануваат отворени неколку прашања кои се однесуваат на барањата на Синдикатот.

М.В