/Прочитано:

431

Законските измени за пензионирањето на рударите и за осигурувањето на трговците на зелени пазари во собраниска процедура

Измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, чијшто предлагач е Владата на РМ, се во собраниска процедура. Основната цел на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување е обезбедување на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните.

Со законските измени се предлага во категоријата на осигуреници да се опфати и физичкo лицe коe е регистриранo како вршител на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишан во регистарот на Комората на трговци на Македонија. Со ова се врши усогласување со Законот за трговија на зелени пазари објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2018 година.

„Имено, во овој закон содржани се одредби кои се однесуваат на прием во задолжително социјално осигурување на ‘трговец на зелени пазари’, и тоа опфаќа невработено физичко лице што врши трговија на мало на тезги и пазари, физички лица кои се занимаваат со земјоделска дејност, трговци поединци“, се вели во законското образложение.

Исто така, се додава во образложението, за категоријата на осигуреници кои работат на работни места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење им се овозможува намалувањето на старосната граница за остварување право на старосна пензија да се врши пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

За категоријата осигуреници кои работат на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци стаж на осигурување се смета како стаж на осигурување со зголемено траење на работни места и работи кои се изведуваат под земја им се овозможува да остварат право на старосна пензија и со навршување на 40 години пензиски стаж (маж), односно 35 години пензиски стаж (жена).

„Министерството за труд и социјална политика преку Владата на Република Македонија изготви законско решение со кое рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение ќе се пензионира на околу 50 години. Со овие законски измени се излегува во пресрет на долгогодишните барања на рударите и исправаме една голема неправда“, изјави во врска со законските измени министерката Мила Царовска на заедничка прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.

М.В