/ Прочитано:

1.263

Законските измени за судовите и за Судскиот совет влегуваат во собраниска процедура – работата на судиите да се оценува на секои 2 години

Владата  го разгледа и го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија. Основната цел на Законот е внесување мерливи квантитативни и квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судови на секои две години.

При подготовката на законските решенија, велат од Владата, се внимаваше на целосна избалансираност на критериумите во системот на оценувањето. Со измените се интервенира и во однос на одредбите за член на Судскиот совет со право на глас, рангирање на кандидати за избор на судии во повисок суд, се зајакнува одговорноста во работата на Советот и слично.

„Со измените што се предлагаат се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот. Истовремено се вградени и препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, во однос на транспарентното работење на Советот. Се внесуваат и измените предвидени во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор“, информираат од Владата.

Исто така, Владата го разгледа и го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, чие донесување произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот систем, стратегиската цел на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување на ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.

Двата предлог-закони, за Судскиот совет и за судовите, ќе бидат доставени до Собранието на Република Македонија, во согласност со членот 137 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, на натамошна постапка за усвојување.

М.В