/ Прочитано:

3.222

ЗАШТИТА НА ПРАВОТО НА ФЕР СУДЕЊЕ: Правдата мора да биде видлива за да биде извршена

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации (ТAIEX) на Европската комисија, организира дводневна работилница на тема „Заштита на правото на фер судење“.

На работилницата, која започна денес, се споделуваат најдобрите практики на ЕУ за тоа како ефективно да се заштити правото на фер судење, штитејќи го принципот на фер судење (член  6 од Европската конвенција за човекови права) во кривичната постапка.

Излагања поврзани со темата на работилницата имаa: Патрик Томас, судија во Општинскиот суд, Кралски суд во Бирмингем,  Министерство за правда, Обединетото Кралство, Кевин Меккормак, судија во Врховниот суд, Министерство за правда, Обединетото Кралство; Џанфранко Гало, обвинител, Министерство за правда, Италија и Марита Пакаринен, судија во одделот за кривични постапки, Окружен суд во Хелсинки, Финска.

Експертите од Италија, Финска и Обединетото Кралство на работилницата говореа за правото на фер судење во кривични случаи, потенцирајќи го значењето на еднакви процедурални можности за обвинителството и одбраната.

Во таа насока, на работилницата се говореше за концептот на претпоставка за невиност и други карактеристики на правото на одбрана, општо право на фер судење во кривични работи сo фокус на правото на процедура на спротивставени страни, должност за изложување на докази и судска практика, претпоставка на невиност, посебните права на одбраната, претпоставка на невиност во судската практика на ЕСЧП и принципот за фер судење како елемент на фер сослушување.

Принципот на еднаквост на оружјата, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, поаѓа од идејата за фер баланс во однос на учесниците во постапката. Овој принцип подразбира дека секој што е странка во постапката мора да има разумна можност за претставување на својот предмет пред судот под услови кои не го ставаат во понеповолна положба наспроти својот противник.

„Судовите имаат обврска да создадат услови учесниците во постапката да имаат можност да учествуваат во испитувањето на аргументите и доказите од другата страна“, истакна Арнаудовска.

Пресумпцијата на невиност, беше истакнато понатаму на настанот, е начело кое значи дека обвинетиот мора да се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Поради тоа, според начелото пресумпција на невиност, правниот товар на докажување е на обвинителството, кое треба да собере и да му прикаже цврсти докази на носителот на одлуката (судијата или поротниците).

„Неговото потекло датира од римското право: начелото било применувано за прв пат од страна на класичниот правник Паул, кој живеел помеѓу II и III век од н.е. и кој го кажал следново: „ei incumbit probation qui dicit Non qui negat”, односно дека товарот на докажувањето е на страната што потврдува, а тоа значи дека во кривични постапки на обвинителството при недостаток на докази обвинетиот се ослободува од обвинението“, беше образложено на денешната работилница.

Според ЕСЧП, вели британскиот судија Кевин Меккормак, секој има право на  правично и јавно судење, кое се одвива во разумен рок, пред независен и непристрасен, со закон воспоставен трибунал и да му бидат утврдени неговите граѓански права и обврски или какви било кривични обвиненија против него.

Обвинителот, истакнува Меккормак, ја спроведува правдата. Тој не треба да бара осудување по секоја цена. Должноста на судијата е да обезбеди правично  судење во согласност со законот. Треба секогаш да се има предвид, вели судијата, дека правичноста е  двонасочна улица.

„Во Англија и Велс судиите се обврзани според Законот за кривичната постапка активно да ги водат случаите. Во Законот се наведува дека примарна цел е случајот да се реши правично и овде е вклучен и услов случаите да се решаваат ефикасно и брзо“, истакнува судијата Меккормак.

Во врска со поставеноста на одбраната во кривичната постапка, британскиот судија Патрик Томас посочува дека адвокатот на одбраната мора да се погрижи дека обвинетиот не се изјаснува за виновен ако не е виновен.

„Очигледно е дека е многу погодно за државата што е можно повеќе луѓе да се изјаснуваат како виновни. Кога едно лице ќе се изјасни за виновно, судот може брзо и евтино да пристапи кон пресудата. Изјаснувањето за виновен има и предност што го намалува влијанието на кривичното дело врз жртвите и ги поштедува сведоците од обврската да сведочат на суд. Секој коректен систем на судство ќе сака да се погрижи дека охрабрувањето да се изјасни за виновен не доведува до ситуација луѓето кои не се виновни да се изјаснуваат како виновни од која било причина. Ова е објективен ризик“, вели судијата Томас.

Финската судијка Марита Пакаринен вели дека во Финска принципот на правото на правично судење, според член 6 од Европската конвенција за човекови  права, е целосно прифатен и старите истражни карактеристики се исчезнати со менувањето на Законот за кривична постапка, првин делумно во 1960 г., а потоа  целосно во 1997 г.

„Во новиот Закон за кривична постапка, обвинителната природа на постапката е дополнително нагласена. Јавниот обвинител е оној што е должен да ја докаже вината на обвинетиот без простор за разумен сомнеж. Судот останува пасивен во текот на целата постапка, иако судијата може да разјасни нејаснотии и ‘да ги пополни  празнините’ во судскиот предмет со поставување на прашања на страните“, вели Марита Пакаринен, судија во одделот за кривични постапки во Окружниот суд во Хелсинки.

Како што е добро познато, вели италијанскиот обвинител Џанфранко Гало,  со член 6, став 2 од Европската конвенција за човекови права се утврдува дека: „лицето кое е обвинето за кривично дело треба да се смета за невино сè додека не се докаже спротивното во согласност со законот“.

„Значењето на член 6 е јасно објаснето од страна на Европскиот суд за човекови права, во случајот Барбера, Месегве и Хабардо против Шпанија. Според судот,  меѓу другото, се утврдува дека при извршување на должностите, членовите на судот не треба да тргнат од предрасуда дека обвинетиот го сторил кривичното дело за кое е обвинет“, посочува обвинителот Гало.

Доследното почитување на принципот на еднаквост на оружјата, правото на фер судење, пресумпцијата на невиност и почитувањето на практиката на Европскиот суд за човекови права во таа насока, беше истакнато на денешната работилница, подразбира и остварување на целите на правдата како императив во кривичната постапка. Правдата, нагласија експертите на денешниот настан, мора да биде видлива за да биде извршена.

М.В