/ Прочитано:

1.590

Завршна конференција за зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права

Денеска во Скопје беше одржана завршната конференција насловена како „Зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечно и понижувачко постапување и против неказнивоста” за проектот во рамките на програмата „Хоризонтален инструмент“, имплементирана од Советот на Европа.

Нагласувајќи го значењето на проектот и потребата од зајакнување на капацитетите на судството, на денешната конференција со поздравни говори се обратија Анабел Регал, претставник од Делегацијата на Европската Унија, Никола Ивановски, претседател на Уставниот суд,  Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители, и  Елена Јовановска-Брезоска, претставник на Советот на Европа.

На конференцијата се нагласија резултатите постигнати во рамките на проектот и имплементираните активности, за што посебен преглед дадоа Елена Јовановска-Брезоска, координатор на проектот, и Aтанас Георгиевски, виш координатор на проектот.

Преку проектот се зајакнати капацитетите на Академијата за судии и јавни обвинители, како и на судството, особено преку креирањето на три прирачници поврзани со човековите права и слободи, односно за правото на правично судење, правото на слобода и безбедност и забраната за мачење.

Исто така, подобрена е и методологијата преку воведување на повеќе интерактивност и комбинираност со праксата на Судот во Стразбур. Воедно, подобрени се и материјалите за симулирано судење подготвени за секое тематско поле.

Во врска со следните чекори и активности за имплементирање на стандардите на  Европскиот суд за човекови права во домашниот судски систем, на конференцијата говореа Симеон Петровски од Европскиот суд за човекови права и  Даница Џонова од Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права.

На денешниот настан беа споделени и искуствата од реализацијата на проектот, особено во делот на обуките и студиските посети, за што свои говори имаа Јован Цветановски, Ненад Савески, Катерина Коларевиќ, Ристо Бојаџиски, Санде Зиков и  Татјана Јањиќ-Тодорова – Уставен суд на РМ. Конференцијата се заокружи со доделување сертификати на обучувачите за членовите 3, 5 и 6 од Европската конвенција за човекови права.

M.В