/ Прочитано:

666

Здружена поддршка на женското претприемништво за поконкурентно стопанство

Еднакви можности во приватниот сектор, следење на европските трендови за зголемување на  уделот на жените во економијата, постигнување на повисоки работни позиции во корпоративниот свет се само дел од аспектите кои, доколку се применат, ќе имаат позитивно влијание врз севкупната економија, беше истакнато денес на конференцијата „Женско претприемништво и предизвиците за интеграција во ЕУ“, по повод Светскиот ден на женско претприемништво.

На панел-дискусијата посветена на важноста на граѓанските организации за ЕУ-интегративните процеси во полето на женското претприемништво претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, зборуваше за  потребите и предизвиците во развојот на женското претприемништво, за обидите за воспоставување на стратешки систем кој ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд особено на високи раководни позиции, но и за овозможување на неопходната поддршка за баланс меѓу приватниот и професионалниот живот.

„Врз основа на искуствата на брзорастечките економии, зајакнувањето на економската позиција на жените може да биде клучно во менувањето на растот на економската моќ на земјата. Потребна е стратегија за обезбедување еднакви можности за жените, особено на високи корпоративни позиции бидејќи тие сочинуваат голем дел од вработеното и работоспособно население, но бидејќи не им се овозможени еднакви можности за напредување, често се најбројни во пониски или на средно ниво раководни позиции. Според најновите истражувања, жените во Југоисточна Европа, слично како и на Далечниот Исток, се соочуваат со многу предизвици врзани со нивната очекувана традиционална родова улога во општеството, која пак влијае врз нивната економска независност. Се проценува дека 30% од претприемачите во Европа се жени, додека овој процент во Југоисточна Европа изнесува меѓу 15 и 30%“, изјави Арсовска и додаде дека постојано и упорно се апелира дека, за разлика од квотите кои постојат во политиката и во јавниот сектор, во приватниот сектор нема загарантирани квоти и секој треба да се избори на пазарот во согласност со својата компетентност и квалитет, но постои нерамноправна борба бидејќи да бидеш еднаков значи да бидат обезбедени и еднакви можности за развој.

Просекот во ЕУ на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд е 63,5 со тенденција до 2020 година да се зголеми на 75%. Според податоците на Светската банка, евидентиран е тренд на константно намалување на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд, во 2013 имало 44%, додека во 2017 година 42%, а од нив на високи раководни позиции се под 2%, што е поразителен факт.

М.В