/ Прочитано:

1.540

Здружението на судии подготвува иницијатива до Уставниот суд за одредби од Законот за платите на судиите

Здружението на судии објави соопштение во однос на одлуката на Управниот одбор на Здружението на судиите, донесена на ден 17.1.2019 година во врска со исплатата на платите на судиите и други додатоци предвидени со закон.

„На денешната седница, фокусот беше ставен на расправата по заклучокот на работната група за разгледување на правната регулатива во врска со исплата на плати на судиите и други додатоци, предвидени со закон. Управниот одбор го разгледа извештајот на работната група од 21.12.2018 година, а објавен на веб-страницата на Здружението на судиите на Република Македонија, при тоа, во целост ги поддржа донесените заклучоци кои се однесуваат на платата и надоместоците на судиите, со дополнување на заклучокот од точка 1, при што ја задолжи работната група да изготви иницијатива до Уставниот суд на РМ за одредби од Законот за платите на судиите, како и да подготви предлог законски измени на Законот за платите на судиите.

Во овој контекст, со ова соопштение ги реафирмираме уште еднаш заклучоците на работната група формирана со цел разгледување на правната регулатива која се однесува на исплата на платите на судиите и други додатоци предвидени со Закон, формирана со Заклучок на Собранието на Здружението на судиите на РМ од 25.10.2018:

Во однос на платите, предлага соодветни измени на Законот за измена и дополнување на Законот за платите на судиите (Сл. весник 97/2010), кои се однесуваат на основицата за пресметување на плата на судиите.

Во однос на додатоците на плата, Работната група заклучи дека согласно Законот и другите подзаконски акти, Судско-буџетскиот совет бил должен да врши исплата на додатоците на плата и за преостанатите месеци од кога се стапени во сила актите. Од тие причини, Работната група смета дека судиите своите права за заостанатите месеци можат да ги остварат преку поднесување на тужби. Овие заклучоци Работната група ќе ги достави до Управниот одбор на Здружението на судиите на РМ за натамошно проследување пред надлежните органи ( Влада на РМ, Министерство за правда и Министерство за финансии).

На оваа седница беа разгледани и други прашања кои се однесуваат на реформскиот процес на правосудниот систем, прашања од областа на функционирањето на Советодавното тело за судиска етика и Кодексот на судиите, како и други тековни прашања“, се вели во соопштението на Здружението на судии.

М.В