/ Прочитано:

2.204

Зголемен бројот на поплаки на граѓаните за вознемирување на работно место и за заштита на правата од работен однос

Зголемување на поплаките на граѓаните за заштита на правата од работен однос, особено во однос на постапките за вработување, распоредување и престанок на работниот однос, се нотира во Годишниот извештај на Народниот правобранител.

До Народниот правобранител претставки биле доставени и поради недобивање на благовремени одговори или одлуки на надлежни органи по поднесени барања во врска со остварување на права од работниот однос.

„Карактеристичен е периодот по завршување на парламентарните и локалните избори, кога дел од подносителите на претставките се пожалија на распоредување на пониски работни места или поради иницирани дисциплински постапки чиј краен исход е или престанок на работниот однос или парична казна во траење од шест месеци. Од друга страна, поради забраната за спроведување на постапките за вработување, освен за итни и неодложни работи и недавањето на согласност за обезбедени финансиски средства за вработување во органите на државната управа и органите и организациите со јавни овластувања намален е бројот на претставки во кои се бара заштита на правата во спроведени постапки за вработување во горенаведените органи“, посочува народниот правобранител.

Во извештајната година, истакнува правобранителот, продолжија барањата на граѓаните за заштита на правата од работен однос поради исплата на пониска плата и поради неисплатени надоместоци од плата.

„Најчесто барањата се однесуваа на задржување на плата повисока од 1/3 од платата, исплата на плата со погрешно утврден коефициент, потоа поради неисплатен надоместок за прекувремени часови на работа, за празник, за отпремнина поради заминување во пензија, јубилејна награда, за надоместок за користење на боледување подолго од шест месеци. По доставените укажувања платите и надоместоците од плата да се исплатат врз основа на предвидените законски прописи, во поголем број укажувањата беа прифатени, а во другите случаи граѓаните беа советувани да побараат заштита на правата во судска постапка“, нагласува народниот правобранител.

Народниот правобранител бележи пораст на поднесените претставки од областа недискриминација и за заштита од вознемирување на работното место – мобинг. Пораст на претставките постои, вели народниот правобранител,  и покрај тоа што во Република Македонија постои солидна законска рамка за заштита од феноменот наречен дискриминација, како и можност граѓаните заштитата да ја бараат и да ја остваруваат пред телото кое има исклучителна надлежност за заштита од дискриминација (Комисијата за заштита од дискриминација).

Во однос на вкупниот број на поднесени претставки од оваа област, констатација на Народниот правобранител за 2017 година е дека граѓаните најмногу се жалат поради вознемирување на работното место – мобинг, односно 25 % од поднесените претставки се однесуваат на оваа проблематика, па дури потоа следуваат предметите што се однесуваат на сторена дискриминација врз етничка основа, на кои отпаѓаат околу 10 %.

Статистички гледано следуваат претставките што се однесуваат на дискриминација во областа на здравствената заштита, односно врз основа на здравствена состојба, а не е мал ниту бројот на поднесени претставки кои се однесуваат на барањата на граѓаните за заштита и спроведување на принципот на соодветна и правична застапеност, по што се претставките кои се однесуваат на дискриминација врз основа на политичка припадност и образование.

М.В