/ Прочитано:

4.538

Жан-Клод Јункер: „Ние ја вративме Европа во Унијата и Унијата во Европа“

Во своето годишно обраќање во Европскиот парламент во Стразбур, претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер оцени дека во последниве неколку години Европската Унија успеала да ја поврати довербата, нагласувајќи: „Ние ја вративме Европа во Унијата и Унијата во Европа“. Според него, Европа станува сè пообединета и добива на економско значење по одлуката на Велика Британија за Брегзит.

Во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент, за состојбата во Европската Унија, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, истакна дека ЕУ мора да продолжи да нуди веродостојни перспективи за проширување на Унијата кон Западен Балкан. Тој смета дека ова е од исклучителна важност за европскиот блок, пред сè, за да се задржи стабилноста во рамки на Европската Унија, но како што истакна во својот говор пред европарламентарците, проширувањето нема да се случи во овој мандат на Европската комисија, односно не пред 2019 година.

„Ако сакаме поголема стабилност во нашето соседство, мора да понудиме веродостојни перспективи за проширување кон Западен Балкан. Но, јасно е дека нема да има натамошно проширување за време на мандатот на оваа комисија и овој парламент. Ниту еден од кандидатите не е подготвен сега. Но потоа, Европската Унија ќе биде поголема од сегашниот број од 27 членки. Сите земји кандидати за членство во Европската Унија мора да дадат апсолутен приоритет на почитувањето на владеењето на правото, судството и основните права“, истакна Јункер.

Јункер побара проширување на еврозоната со сите актуелни земји членки на ЕУ. Во моментов, само 19 од 28-те членки на ЕУ се дел од заедничката валута, а истовремено, претседателот на Европската комисија побара и проширување на шенген-зоната, најпрво со Бугарија и Романија, а подоцна, кога ќе ги исполни условите, и со Хрватска.

Што се однесува до темата Турција, Јункер потенцираше дека нема прием на Турција во Европската Унија во догледна иднина, нагласувајќи дека Турција се оддалечи од ЕУ. Во денешното обраќање, претседателот на Европската комисија ја повика официјална Анкара и да ги ослободи притворените новинари и да престане со навредите кон европските политичари.

„Местото на новинарите е во редакциите, таму каде што преовладува слободата на изразување. Нивното место не е во затворите. Европа е континент на зрели демократии. Тој што навредува го затвора патот кон нашата Унија. Понекогаш чувствувам дека Турција се обидува да го затвори овој пат, а потоа да прикаже дека Европската Унија е одговорна за неуспехот на преговорите за членство“, нагласи Јункер.

Инаку, до крајот на својот мандат, односно во преостанатите 16 месеци, како што нагласи Јункер, Европската комисија посветено ќе работи на јакнењето на трговската програма на Европската Унија, новата индустриска стратегија, борбата против климатските промени и прашањето за миграцијата.

Во оваа насока, тој рече дека Европа е отворена за воспоставување на нови трговски односи и дека според него мора да постои реципроцитет, односно да се добива онолку колку што се дава. Во поглед на заштитата на животната средина, Јункер најави дека Унијата ќе продолжи со намалување на емисиите на штетни гасови во рамки на борбата против глобалното затоплување и заштитата на климата.

Освен тоа, тој повика на спојување на должностите претседател на Европската комисија и на Европскиот совет во една функција, при што нејзиниот носител би се избирал на директни избори.

Во своето годишно обраќање во Европскиот парламент во Стразбур, Јункер оцени дека во последниве неколку години Европската Унија успеала да ја поврати довербата, нагласувајќи:

„Ние ја вративме Европа во Унијата и Унијата во Европа“. Според него, Европа станува сè пообединета и добива на економско значење по одлуката на Велика Британија за истапување од блокот.

Јункер рече дека Европа сега има „прозорец на можности“, но предупреди дека тој прозорец нема да остане отворен засекогаш.

„Да го искористиме залетот колку што можеме повеќе, за да го уловиме ветерот што ни дува во едрата“, рече претседателот на Европската комисија, повикувајќи ги земјите членки на Унијата да го искористат поволниот момент за зацврстување на единството и на економскиот раст на ЕУ за натамошен напредок.

А. Б.