/ Прочитано:

1.948

„Жените просечно заработуваат пониска плата од мажите“, – БЛАГИЦА ПЕТРЕСКИ, извршна директорка на „Фајнанс тинк“

Во Македонија жените просечно заработуваат 12.5% пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28.4% кај лицата без образование или само со основно образование, вели за Академик Благица Петрески,  извршната директорка на „Фајнанс тинк“ и една од авторките на студијата „Анализа на родовиот јаз во платите кога жените се високонеактивни: Докази од повторени импутации со македонски податоци“.

Според фокусот и резултатите на вашите истражувања и студии, постои ли родов јаз на платите во Македонија?

Во Македонија жените просечно заработуваат 12.5% пониска плата од мажите, а разликата се зголемува и до 28.4% кај лицата без образование или само со основно образование. Но, доколку направиме споредба на платите на мажите и жените според исти карактеристики (образование, искуство, вештини), разликата во платите се зголемува и до 17,3%, односно за иста позиција и за исти карактеристики жените се помалку платени. Ова укажува на тоа дека во просек вработена жена во Македонија има подобри карактеристики на пазарот на труд од просечен вработен маж. Ова се случува бидејќи значителен дел од нискоквалификуваните жени остануваат надвор од пазарот на трудот (повисока резервациска плата на нискоквалификуваните жени). Но, ова не е случај само во Македонија, туку и во повеќето балкански земји, па затоа е познат како „Балкански феномен“.

Поконкретно, на кои податоци и факти ги темелите ваквите сознанија, анализи и крајни резултати?

Во студијата „Анализа на родовиот јаз во платите кога жените се високонеактивни: Докази од повторени импутации со македонски податоци“ (Петрески, М., Мојсовкса-Блажевски, Н., и Петрески, Б., 2014) испитуваме  дали високата неактивност на жените на пазарот на трудот ги објаснува разликите во платите. Македонија се карактеризира со висока стапка на неактивност на жените на пазарот на трудот. Неактивноста на жените на пазарот на трудот е дури 34%, во споредба со само 1% кај мажите во 2010 година, според „Анкетата за приходи и услови на живеење“. Позначајни фактори за ваквата состојба се традиционалните карактеристики на општеството, каде што жената е во улога на домаќинка и се грижи за обврските во домот и за одгледувањето деца;  учествува како неплатен семеен работник, посебно во руралните средини; како и долгорочната невработеност и ерозијата на вештините.

Фактот што овие жени не се вработени и не земаат плата ја искривува сликата за родовиот јаз во платите. Истражувањето покажа дека неактивноста на жените на пазарот на трудот објаснува голем дел од родовиот јаз во платите. Така, кога ќе се пресмета родовиот јаз коригиран за неактивноста на жените, разликата во платата меѓу мажите и жените со исти карактеристики се сведува на 7,5%. Резултатите покажаа дека дискриминацијата во платата меѓу мажите и жените се движи од 5,4% до 9,8%, а речиси и да не постои кај високообразованите жени.

Што говорат податоците од истражувањето „Дали мајчинството објаснува дел од родовиот јаз во платите во Македонија“?

Во истражувањето: „Дали мајчинството објаснува дел од родовиот јаз во платите во Македонија?“ испитувавме дали се разликуваат платите на жените кои се мајки од платите на жените кои не се мајки и го оценувавме придонесот на мајчинскиот јаз во објаснувањето на родовиот јаз во платите во Македонија. Резултатите покажаа дека не постои мајчински јаз во платата и оттука мајчинството не придонесува за објаснување на родовиот јаз во платите.

Дали е родовиот јаз во платите глобален феномен и на што се должи тоа?

Податоците покажуваат дека речиси секаде во светот жените заработуваат помалку од мажите. Она што е позначајно е дека многу бавно се намалува овој јаз. Причините за постоењето на родовиот јаз во платите се различни: поради дискриминација, поради традиционалните карактеристики на некои општества жената да се грижи за домот и за семејството, поради улогата на жената како неплатен семеен работник, но исто така и поради сегрегација на професиите. За жал, сѐ уште постојат женски и машки професии. Мајчинството, исто така, може да биде фактор што го објаснува јазот. Поради родителски обврски, жените често работат со скратено работно време, прават прекини во кариерата. Поради семејните обврски, жените често се спречени да работат прекувремено, не се во можност да патуваат доколку е потребно и сл.

Кои се вашите препораки во тој контекст, особено за родовиот јаз на платите во Македонија?

Главната препорака е да се зголеми свеста кај жените за активирање на пазарот на трудот (барање работа и вработување). Во таа насока, може да се дизајнираат мерки за вработување со посебен фокус на жените, но и да се направи активна медиумска кампања за подигање на свеста. Поширок концепт е зголемување на свесноста за фер плата, каде што секој ќе заработува според своите знаења и способности и нема да биде дискриминиран по пол. Во таа насока, а врз основа на истражувањето, нашиот Институт разви веб-алатка, Едплако-мк (www.edplako.mk), која им овозможува на поединците да пресметаат која е нивната фер плата, врз основа на нивните карактеристики: образование, возраст, искуство, занимање  и сектор во кој работат. Покрај зголемување на свеста кај поединците за фер плата, оваа алатка има цел и да ја намали дискриминацијата на платите меѓу мажите и жените во компаниите. Така, Едплако-мк ќе им овозможи и на компаниите да го тестираат родовиот јаз во платите во нивната компанија и да преземат соодветни мерки за негово намалување или отстранување.

Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, работи на повеќе актуелни и клучни теми од областа на економијата. Кои се вашите досегашни и идни проекти?

„Фајнанс тинк“ работи во три широки области од економија: макроекономија, економски развој и финансиски системи. Во моментот ги истражуваме ефектите од дознаките врз социјалните индикатори во земјата, како и симулација на нови мерки за ефективно користење на дознаките. Во следниов период ќе реализираме проект за трошењето на јавните пари, ФИСЦАСТ: Градење капацитет и алатки за фискална одговорност, одржливост и транспарентност во Македонија. Покрај проектните истражувања и активности, „Фајнанс тинк“ продуцира и редовни публикации за релевантни теми од економијата чија цел е да ја зголеми информираноста за економските движења, но и да даде соодветни препораки до носителите на политиките.

M.В / veljanoskim@akademik.mk

29.9.2015