/ Прочитано:

3.876

ЖЕНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НИЗ СТАТИСТИЧКИТЕ ПОДАТОЦИ: Дипломираат во поголем број, подолго живеат и побезбедно возат од мажите

Државниот завод за статистика објави соопштение по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жените. Најчести женски имања во 2017 година биле Јана и Сара. Според процената на населението во Македонија, 49,9 % од населението се жени. Жените во Македонија сè почесто се одлучуваат да раѓаат по едно или по две деца.

Бројот на дипломирани жени во 2016 година изнесува 4.787 или 58 % од вкупниот број на дипломирани студенти, додека пак бројот на жени магистри изнесува 1.107 или 58,9 % од вкупниот број магистри. Бројот на жени доктори на наука изнесува 111.

Според статистичките податоци, жените во просек живеат 77,4 години, односно 4 години подолго од мажите. Од вкупниот број вработени жени во 2016 година, 94,3 % се вработени со цело работно време. Од вкупниот број вработени жени во 2016 година, кој изнесува 283.834, 74,8 % се вработени во деловни субјекти во приватна сопственост.

Во домаќинствата кои имаат деца, жените просечно дневно поминуваат 1 час и 57 минути во нивно згрижување. Жените кои имаат домашни миленици просечно дневно поминуваат со нив по 1 час и 41 минута.

Според податоците на Државниот завод за статистика, жените просечно дневно поминуваат  по 1 час и 50 минути на гледање телевизија. Жените во урбаните средини на забава и култура поминуваат просечно дневно по 2 часа и 16 минути, што е двојно повеќе од жените во руралните средини, односно 1 час и 13 минути. Во текот на денот, вработените жени поминуваат 15 % на слободни активности, а невработените жени 21 %.

Од сите домашни активности на жените, посочуваат од Државниот завод за статистика, 16 % отпаѓаат на чистење на станот.

По повод Денот на жената – 8 Март, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата направи анализа на истражувањата и на анкетите на оваа тема, но и на она што го покажуваат статистичките податоци.

И покрај напорите за надминување на сите дискриминаторски форми и напорите за отфрлање на сите стереотипи што постојат во општеството, за жал, одредени суптилни форми на стереотипи сѐ уште постојат, бавно се менуваат и тешко се отфрлаат. Еден од нив, кој се провлекува со генерации наназад и кој секојдневно го побиваме, е дека жените се лоши и небезбедни возачи, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

На самиот почеток важно е да се потенцира дека секоја поделба на возачите на машки и на женски не е соодветна. Многу посоодветно е возачите да ги поделиме на одговорни и на неодговорни, без разлика на полот, возраста или на другите лични карактеристики. Позитивните и негативните примери и кај едните и кај другите се бројни, но интересно е да се види што покажува статистиката за тоа колку се безбедни жените и мажите во сообраќајот.

Статистиката и фактите покажуваат дека жените се побезбедни возачи од мажите. Истражувањата на релевантни меѓународни организации покажуваат дека мажите многу повеќе страдаат во сообраќајни незгоди во споредба со жените и многу често се предизвикувачи на сообраќајни незгоди со сериозни фатални последици.

Според РСБСП, во Република Македонија, во просек, околу 70 до 80 % од жртвите во сообраќајни незгоди се од машкиот пол, а 20-30 % од женскиот пол. Истражувањата, анализите и реалноста, покажуваат дека жените се многу внимателни возачи, одговорни се и се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи. Брзото и агресивно однесување во сообраќајот не е својствено за жените.

Ретко може да се види жена да ги потценува последиците од управување моторно возило под дејство на алкохол. Анкетно истражување направено од РСБСП минатиот период покажува дека 60 % од жените возачи во Република Македонија се убедени дека тие се подобри возачи од мажите, 88 % од жените сметаат дека агресивното однесување во сообраќајот е карактеристично за мажите, 60 % сметаат дека мажите се неодговорни учесници во сообраќајот, 63 % сметаат дека мажите и жените се рамноправни учесници во сообраќајот, а 37 % сметаат дека мажите се доминантни и не ги почитуваат жените како рамноправни учесници во сообраќајот. Најголемиот дел од жените сметаат дека мажите се агресивни и тоа сериозно им пречи и им влијае во сообраќајот.

M.В