/ Прочитано:

1.611

Злоупотребата на личните податоци на големо присутна во Македонија, ДЗЛП преплавени со претставки

„Големиот брат“ снима насекаде, во училишта, на улици и тротоари, во канцеларии, ходници, од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) велат дека управниците  и сопствениците очигледно не се запознаени каде смеат да постават видео надзор. Рекордери во злоупотреба на личните податоци се банкарите и компаниите од секторот за телекомуникации. Се бараат матични броеви и онаму каде нема потреба од овој чувствителен податок. Меѓу поднесените пријави до Дирекцијата се издвојува пријавата против една Државна институција која му заповедала на портирот од странките да бара матичен број.Од Дирекцијата за заштита на личните податоци морале да реагираат откако се утврдило дека на факултетот камерите се поставени во сите предавални. Фирма што се занимава со телекомуникации злоупотребила лични податоци за склучување на претплатнички договори. За влез во државна институција, портирот барал матичен број од секој што имал потреба да влезе во институцијата. Телевизија објавила податоци за малолетно дете без дозвола од неговите законски старатели. Во печатен медиум е објавен матичен број на граѓанин. Инспекторите на Дирекцијата се преплавени од предмети каде треба да утврдат дали и зошто личните податоци се злоупотребуваат.

Георгиевски, директор на ДЗЛП: Газди внимавајте, работници информирајте се!

„Работниците треба да се информираат за целта и причините за снимањето доколку нивниот претпоставен има поставено видео надзор во работните простории. Тие треба да се свесни дека видео надзор е дозволен кога природата на работата го доведува во опасност животот и здравјето на луѓето, кога се штити сопственоста или постои причина за да се контролира влезот и излезот“, вели директорот на ДЗЛП, Димитар Гергиевски.

Георгиевски вели дека секогаш има голема разлика од случај до случај, па затоа Дирекцијата нема генерален став за дозволеноста или забраната на поставување на видео надзор на работно место. Тој ги советува работодавачите да внимаваат со апликациите за вработување и да не заборават дека тоа се податоци за кои треба да се има согласност од апликантите.

„Работодавачите да не навлегуваат во приватноста на апликантите за работа. Податоците од приватниот и интимниот живот не смеат да бидат критериуми за добивање или губење на работното место. Доколку пак, самото работното место го налага тоа, треба да се има предвид дека согласноста на граѓаните е клучниот елемент за давање на чувствителни податоци“, вели Георгиевски.

Финска е единствената земја во Европа каде оваа област е уредена поконкретно

Злоупотребата на личните податоци не се случува само во Македонија, а тоа се гледа и од искуството на другите земји. Агенцијата за заштита на личните податоци во Белград се соочува со голем број на предмети за нелегално поставен видео надзор на работни места. Слична е ситуацијата и во Црна Гора, телекомуникацискиот и банкарскиот сектор како и државните и јавните претпријатија вршат злоупотреба на личните податоци за да си ги наплатат сметките. Горе долу во сите балкански земји е донесен Закон за заштита на личните податоци, но надлежните власти секогаш апелираат дека граѓаните не знаат како да се заштитат.

Малку подалеку од Балканот, ситуацијата е слична. Виљар Пип, директорот на естонскиот Инспекторат за заштита на личните податоци вели дека Естонија не се разликува од Македонија во однос на злоупотребата на личните податоци. И таму се крадат идентитети преку социјални мрежи, насекаде се снима, компаниите злоупотребуваат лични податоци за сопствени интереси.

Пип, кој дојде во Македонија за размена на искуствата меѓу двете земји, вели дека малите земји никогаш не може да се споредуваат со големите милионски земји во Европа. Иако Естонија од пред 8 години е рамноправна членка на Европската Унија, според него естонското законодавство е многу слично со македонското. Одмерен во зборот, но со скенерски вештини ја мери приватноста на Естонците, не само на работните места. Вели, малата земја Естонија со 1,3 милиони жители се соочува со слични проблеми како и Македонија.

„Во Германија најверојатно има преку 100 факултети за право, илјадници професори кои издаваат трудови од областа на заштитата на личните податоци. Колку професори и научници се занимаваат со оваа област во Естонија или во Македонија? Најверојатно ниту еден“.

Заштитата на личните податоци раѓа илјадници прашања кај граѓаните, вели Пип. Дали работодавачите смеат да ги читаат меиловите на вработените, каде и дали воопшто смеат да постават видео надзор, колку време смеат да ги чуваат личните податоци на вработените. Пип вели  дека Финска е единствената земја во Европа каде оваа област е уредена со посебен акт. Во останатите земји меѓу кои се Естонија и Македонија не само за приватноста на работното место, туку и за целосната заштита на приватноста постои закон, но не и конкретен акт каде ќе стои што смеат работодавачите, а што не смеат вработените или обратно.

И работодавачот има право да следи што прават вработените

Виљар Пип не се согласува дека не смее да има постојан видео надзор на работните места. Според естонското искуство, за секоја ситуација може да се најде компромис и на тој начин да не се повредат правата на работниците, но и на сопствениците.

„Приватноста е фундаментално право, но и правото на сопственикот е фундаментално право.  Треба да се најде вистинскиот баланс, ако сте вработен кој седи сам на своето место и никој не му врши надзор, тогаш можете да правите што сакате. Општо познато е дека без контрола секој може да си прави се што ќе посака, освен да работи“.


Автор: Паула Божиновски Објавено: 19.11.2012