/ Прочитано:

1.977

Злоупотребата на постапката за јавен повик во фокусот на предложените измени на Кривичниот законик

Собранието на РМ ја усвои потребата од донесување измени на Кривичниот законик по скратена постапка, поднесени од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска и Весел Мемеди.

Измените на Кривичниот законик беа неколкупати повлекувани и повторно беа предложувани и ревидирани, откако во едната верзија на измените беа предложени измени на членот 353 од Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотребата на службената положба, на што реагираше јавноста. Во оваа верзија беше образложено дека со членот 26 се допрецизира одредбата во членот 353 ставот 1, односно терминот „некаква корист“ се заменува со зборовите „имотна корист“.

Претходно, пред десетина дена, во Собранието на РМ и Владата поднесе измени на Кривичниот законик, во кои, меѓу другото, се предложи и менување на членот 275-в, кој се однесува на јавните набавки.

Во последните измени на Кривичниот законик предложени од страна на групата пратеници не се предлагаат измени на членот 353 од КЗ, меѓутоа, како и во владиниот предлог, се предлагаат измени на членот 275-в, кој се однесува за злоупотребата на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство. Измените се во ставот 3, во кој се намалува затворската казна од 5 на 4 години.

Реакциите во јавноста следуваат бидејќи законските измени се поврзуваат со преметите на СЈО и кривичните постапки кои се во тек, а во однос на потребата за обезбедување на мнозинство за гласање на уставните измени. Од Владата на Република Македонија ги демантираа информациите дека ќе се направат измени во Кривичниот закон во однос на членот 353 од Кривичниот законик.

Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство

„Член 275-в

(1) Тој што свесно ќе ги повреди прописите за постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство со поднесување невистинита документација, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, со неизвршување на обврските од договорот со намера истиот да се изигра или на друг начин намерно ќе ги повреди правилата на таа постапка и со тоа за себе или за друг ќе оствари поголема имотна корист, или ќе предизвика поголема штета, ако не се исполнети обележјата на друго потешко дело,  ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Ако сторителот со извршување на делото од ставот (1) на овој член остварил за себе или за друг значителна имотна корист или предизвикал значителна штета, ќе се казни со затвор од најмалку четири години.

(3) Ако сторителот со извршување на делото од ставот (1) на овој член остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или предизвикал штета од поголеми размери,  ќе се казни со затвор од најмалку пет години…“

Од ВМРО – ДПМНЕ најавија дека нема да учествуваат на собраниската дебата за Кривичниот законик бидејќи тоа ќе значи уривање на правната држава и тргување со правото. Предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик на Република Македонија имаат единствена цел рушење на правната традиција и поткопување на правната сигурност.

„Многу од предложените норми се противуставни, спротивни на функцијата и намената на законот и просто нелогични и апсурдно бесмислени“, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ“, Никола Мицевски.

Криминалот од омраза како квалификаторен облик во предложените измени на Кривичниот законик

Нови кривични дела во измените на Кривичниот законик кои се во собраниска процедура

М.В